Објавено на 10 Март, 2016 во Вести, До 17 год
Македонската репрезентација до 16 години одигра без голови, 0-0 на вториот контролен натпревар против Црна Гора до 16 години. Селекторот на нашата кадетска репрезентација, Добринко Илиевски им даде поголема шанса за настап на фудбалерите кои не беа во првите единаесет на дуелот одигран пред два дена. Во однос на натпреварот кој го добиевме со 7-0, предводникот на нашата селекција направи дури седум замени во почетниот состав.
Во првото полувреме црногорците имаа поголем посед на топка, но не создадоа вистинска шанса за отворање на резултатот. Македонија доминираше во продолжението, создадовме три добри прилики, но Кулушевски, Колевски и Чурлинов не беа ефикасни.
-Знаевме дека после првиот натпревар противникот ќе биде мотивиран и ќе има една цел - да остане непоразен. Во таа намера многу големо влијание имаше лошото време и промената на теренот за игра. Направивме многу замени во однос на првиот дуел, шанса за настап добија сите фудбалери и драго ми е што како тим создаваме позитивен дух во селекцијата. Задоволен сум од играта, направивме притисок за погодок во второто полувреме, но не успеавме да реализираме, изјави селекторот на репрезентацијата, Добринко Илиевски.
Втор пријателски натпревар, тренинг центар (вештачка трева) „Петар Милошевски“
Македонија: Мите Секулов (Малик Зибери), Леонид Мијаковски (Марко Шимуновиќ), Кристијан Додевски (Лука Трајковски), Бесник Ферати (Филип Стојановски), Стефан Симоновски, Ангел Страторски, Васил Крстев (Дејан Кулушевски), Алтин Сефо (Филип Антовски), Бојан Колевски, Енис Фазлагиќ, Јакуп Бериша (Дарко Чурлинов).
Селектор: Добринко Илиевски