Реми против Кина на вториот натпревар во Јинан

Објавено на 23 Јуни, 2014 во Вести, Вести

Македонската репрезентација составена од играчи од домашниот шампионат одигра нерешено, 0:0 против А селекцијата на Кина на вториот контролен натпревар меѓу двете селекции.

На натпреварот во Јинан, македонската селекција одигра одлично во одбраната, ја имавме контролата на играта на нашата половина и не му дозволивме на противникот да направи посериозна шанса во обид да го загрози голот на Андреја Ефремов. Кинезите имаа поголем посед на топка, но составот на Ѓуровски сериозно се закани кон противничкиот гол преку Симоновски, Кире Марковски и Аврамовски. Во однос на првиот натпревар во Шенјанг, селекторот Ѓуровски направи три замени во почетните единаесет, Ефремов место Наумовски беше изборот на голманската позиција, Кире Маркоски на местото на Благоја Љамчевски и Марко Симоновски го замени Баже Илијоски во нападот.

Селекторот Бошко Ѓуровски изрази задоволство од играта на тимот, нагласувајќи дека играчите кои беа во составот за натпреварите против Кина достојно го претставија македонскиот фудбал.

-Честитки до играчите за борбеноста и прикажаната игра, достојно го претставивме македонскиот фудбал. Сметам дека ова беше успешна турнеја ако го имаме в предвид бројот на тренинзи кои ги одработивме заеднички, прилагодувањето на условите во Кина и промената на временската зона. Чувствувам мала разочараност што повторно не успеавме да постигнеме погодок, но сепак во тимот имавме млади играчи за кои овие натпревари се огромно искуство. Сметам дека можеме да извлечеме многу позитивни работи од двете пресметки, а неколкумина од фудбалерите сериозно се наметнуваат во А репрезентацијата и доколку напредуваат и се однесуваат според кодексот на модерниот фудбал мислам дека имаат одлична иднина. Им посакувам успех на сите во сезоната која им претстои, а ние секако ќе ги следиме во обид да го составиме најдобриот репрезентативен состав за квалификациите за ЕП во Франција, изјави селекторот на репрезентацијата, Бошко Ѓуровски.

Во ремито без голови, македонската репрезентација играше во состав: Ефремов, Силјановски, Велковски (Љамчевски), Дамчевски, Цуцули, Аврамовски (Бојку), Лена (Р. Маркоски), Најденов Абдула), К. Маркоски (Радевски), Тодоровски, Симоновски (Илијоски).




   
   
А репрезентација