Објавено на 12 Октомври, 2015 во Вести, Квалификации ЕУРО 2016, Вести
Македонската А репрезентација одигра 0:0 со Белорусија на гостински терен во Борисов, во последниот натпревар од квалификациите од Европското првенство во фудбал кое следната година се организира во Франција. Со дебитантот Митов на голот и неколку измени во составот Македонија одигра добар натпревар, а според шансите немаше да биде незаслужено кој и да ги понесеше трите бода. Македонија прва се закани кога Трајковски во 13-тата минута упати удар над голот. Две минути подоцна домашните имаа одлична можност кога после еден корнер Драгун упати удар со глава, а Петровиќ спаси чист гол расчистувајќи ја токата од гол линијата. И следната најопасна шанса беше за домашните кога Брешан се закани, но со одлична интервенција одговори голманот Митов кој со убава парада скроти овој удар. Во 35-тата минута уште еден центаршут од левата страна, Брешан се обиде со глава а смирено прифаќа со раце добро поставениот Митов. 0:0 заврши првиот дел а во продолжение Македонија надмоќна и со неколку добри шанси. Сепак најпрво се заканија домашните во 53-тата минута, кога по еден ценатршут од лева страна, капитенот Драгун биеше со глава над голот. Во 55-тата минута опасен удар на Ибраими од далечина, Горбунов несигурно интервенира, а Тричковски не успеа да го совлада домашниот голман. Домапните се спасија во 57-та минута кога Тричковски биеше од дачечина, топката доби чуден тек после блокот од противнички играч но го погоди местото кај се спојува пречката и стативата. После точно еден час игра се обиде Стејпановиќ, но крајно непрецизно. И следната можност за Македонија кога Трајковски биеше силно во 66-тата минута, но Горбунов одбрани и топката излезе во корнер. Две минути подоцна бомба на Политевич а топката удри во гредата, а во продолжение Митов успеа да избие во корнер. Десет минути пред крајот се проби во десната страна Абдурахими, но го затвори аголот и упати безопасен удар. На другата страна неколку секунди подоцна на другата страна биеше Володко, но над голот. До крајот Македонија се обиде да постигне победоносен гол, но мрежите мируваа и двата тима однесоа по еден бод. Македонија ги завршува овие квалификации со 4 бода.
"Одигравме добар натпревар, пропуштивме неколку шанси за гол, но кога не можете да победите добро е да не загубите и можам да кажам дека сме задоволни и од играта и од резултатот. Сакавме да победиме, имавме офанзивен пристап со Тричковски во нападот. Во десната страна го имавме Брдаровски кој играше офанзивно, но моравме да внимаваме и на одбраната", изјави селекторот на Македонија, Лубинко Друловиќ.
БЕЛОРУСИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-0
„Борисов Арена“. Гледачи: 2.000. Судија: Кристијан Дингерт (Германија). Жолти картони: Драгун, Кисљак (Белорусија), Жута (Македонија).
БЕЛОРУСИЈА: Горбунов, Драгун (73’ Потило), Полјаков, Политевич, Брешан, Стасевич, Гордејчук, Володко, Некајчик (61’ Кисљак), Сиваков, Сигневич.
Селектор: Александр Хацкевич
МАКЕДОНИЈА: Митов Нилсон, Брдаровски (73’ Абдурахими), Шиков, Мојсов, Жута, Ристовски, Петровиќ, Стјепановиќ (81’ Алими), Ибраими (86’ Несторовски), Трајковски, Тричковски.
Селектор: Љубинко Друловиќ