Објавено на 23 Април, 2016 во Вести
Во рамки на симпозиумот на асоцијацијата на спортски новинари на Југоисточна Европа, кој се одржува во Скопје во периодот од 22. до 24. април, 2016 г. Фудбалската Федерација на Македонија беше домаќин на работилницата за улогата на спортските новинари во промоција на големи спортски настанаи.
Работилницата беше отворена со предавање на Фер Плеј пехарот кој го носи името Петар Милошевски од страна на Македонската Асоцијација на спортски новинари на претседателот на ФФМ, Г-н Илчо Ѓорѓиоски. Овој пехар македонската асоцијација го добила на спортските игри на новинарите во Бугарија, и овој фер плеј трофеј ќе биде доделуван на секоја од годишните спортски средби на новинарите. Името пак трофејот го има добиено по иницијатива на макдонските учесници, бидејќи Петар Милошевски е симбол на спортист и човек кој секогаш негувал високи норми на спортско фер однесување и високи човечки квалитети.
Во обраќањето пред учесниците претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија ја истакна важната улога на спортските новинари во промоција на развојот на фудбалот и спортот воопшто, и истакна дека регионалната соработка која ја негува асоцијацијата е особено важна. Фудбалската Федерација на Македонија заедно со Фудбалскиот Сојуз на Словенија исто така започнаа иницијатива за регионална соработка помеѓу фудбалските куќи од балканот, и денес таа иницијатива брои 13 земји чии фудбалски сојузи редовно одржуваат состаноци и се залагаат за промовирање на фудбалот, подигнување на квалитетот на фудбалската игра, а со тоа и интересот за фудбалот во целиот регион.
„Фудбалската Федерација на Македонија е иницијатор за формирање на регионална фудбалска лига. Свесни сме дека сите поединечно како земји сме мали, и оттука се соочуваме со опаѓање на квалитетот, а со тоа и на интересот за фудбалот. Со една ваква регионална лига која сите 13 земји од регионот ја подржаа ќе придонесеме кон подигнување на квалитетот на фудбалската игра и ќе ги вратиме навивачите на фудбалските арени во уште поголем број. Како земји сме можеби мали, но како регион можеме многу да понудиме. Искрено се надевам дека УЕФА ова ќе го препознае како тренд, и дека ќе ја даде својата поддршка за започнување на едно вакво натпреварување“ – истакна претседателот на ФФМ Г-н Илчо Ѓорѓиоски.
На крајот Г-н Ѓорѓиоски истакна дека ФФМ особено се гордее на укажаната доверба од страна на УЕФА за организација на Супер Купот во 2017 година, истакнувајќи дека овој настан ќе претставува одлична можност за луѓето од целиот регион да почувствуваат како е да се биде дел од едно големо Европско фудбалско натпреварување.
Свое обраќање имаше и претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Г-н Васил Тупурковски кој истакна дека спортистите се најдобрите амбасадори на културата и традицијата на една земја, а спортските новинари ја имаат задачата да ја пренесат позитивната атмосфера околу секој голем спортски настан, и со тоа ја поздрави оваа средба.
Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Г-н Маријан Спасовски се задржа на проектите кои владата преку оваа институција ги имплементира со цел да им се овозможи пристап до спортски објекти на сите оние кои сакаат да се занимаваат со спорт, почнувајќи од најмладите па се до врвните спортисти кои со своите успеси претставуваат гордост за целата нација. Директорот Спасовски особено се осврна на соработката која Агенцијата ја има со националните спортски сојузи, особено со Фудбалската Федерација на Македонија во реализирање на проекти од национално значење, и во организација на голми спортски настани.
Во понатамошниот тек на симпозиумот присутните можеа да слушнат предавања за тоа каква улоги имаат спортските настани во развојот на туризмот во регионот, какви се иницијативи се промовираат во земјите од Југоисточна Европа, како и за значењето на организацијата УЕФА Супер Купот кој ќе се одржи во Скопје на 8. август, 2017 година и улогата на спортските новинари за негова промоција во сите земји од регионот на балканот.
На симпозиумот учество земаа претставници на спортско новинарство од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Унгарија и Романија.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....