Објавено на 25 Декември, 2018 во Вести
Раководството на Фудбалската федерација на Македонија, в.д. претседателот, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски остварија работна средба со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски. Реконструкцијата на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ беше главна тема на разговорот, а ФФМ верува во поддршката која по тоа прашање ја изрази првиот човек на општина Прилеп.
Фудбалската федерација на Македонија, во договор со општина Прилеп, претходно имаше преземено обврска за изградба на нова тревна подлога и поставување рефлектори на стадионот. Сите работи во делот на освлетлувањето се финализирани, а наскоро ќе започнат и работите поврзани со поставување на нова тревна подлога со најмодерен дренажен систем. Градоначалникот на Прилеп изрази уверување дека ќе започнат и активностите на стадионот кои се надлежност на општината, а тоа пред сѐ, се однесува на уредување на просторот на трибините, подтрибинскиот простор, соблекувалните и обнова на останатите простории потребни за добивање висок критериум од УЕФА.
-Сопственици на стадионите што ги обновуваме се локалните самоуправи и ги повикуваме што повеќе да се вклучат во изградбата на спортската инфраструктура, а федерацијата во тој дел и понатаму ќе дава голема поддршка. Нашата долгорочна определба е да вложуваме во инфраструктурата бидејќи тоа е еден од основните преуслови за големи резултати, но без поддршка од локалните власти или државата, сами не е можно да ги завршиме. Не радува тоа што имавме конструктивен разговор со градоначалникот на Прилеп и конечно заеднички да ги завршиме работите на стадионот кој повторно ќе биде гордост на градот, клубот и сите навивачи на Победа, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.