Објавено на 19 Мај, 2014 во Вести
-Клубовите, главно позитивно се изјаснија во однос на предлогот на ФФМ за формирање лига на Б тимови во состав на екипите кои се натпреваруваат во највисок ранг. Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски ја образложи потребата од формирање на Б лига и начинот на кои натпреварите меѓу Б тимовите би придонеле за развој на фудбалот, напоменувајќи дека дополнително би се утврдил системот на игра и правилникот за настап на евентуално новоформираните Б тимови. Целта на иницијативата на ФФМ за формирање на лига за Б тимови е да се постигне натпреварувачката форма која ја имаат играчите во првата лига од една страна, како и да им се даде шанса на младите фудбалери да созреат преку едно високо квалитетно натпреварување, од друга. Клубовите не се обврзани да бидат дел од евентуално новоформираната лига на Б тимови. Доколку одредени тимови сметаат дека немаат доволен фонд на фудбалери и дополнително би ги оптоварил финансиски можат да изберат дали ќе учестувуваат во лигата чии пропозиции и правилници дополнително би се утврдиле.
- Едно од важните прашања кои беа дискутирани се однесува на одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за категоризација на стадионите низ државата во три категории. Прва категорија за стадиони на кои се натпреваруваат клубови од Прва лига, втора категорија – клубови кои играат во Втора лига и трета категорија за клубови кои се во пониски по ранг натпреварувања во системот на ФФМ. Лиценцната комисија на ФФМ побара од клубовите посериозно да се насочат кон исполнување на инфраструктурните, финансиските и спортските критериуми кои произлегуваат од системот на лиценцирање и да ги запазат дадените рокови на исполнување. Сите присутни се заложија да се почитуваат правилата за лиценцирање, да се направат напори да се подобри инфраструктурата и во тој правец ја подржаа иницијативата на ФФМ. Од Фудбалската федерација на Македонија исто така информираа дека се набавени специјални машини за репарација на фудбалски терени кои ќе бидат достапни за користење на сите клубови заинтересирани за подобрување на инфраструктурата. Претседателот на ФФМ информираше и за добиените сретства од хет-трик четири програмата на УЕФА кои ќе бидат искористени за поставување на подлога од природна трева и осветлување на стадионите во Македонија.
На клубовите им беше претставен и новиот план за во правец на подобрување на организацијата на лигашките натпревари, давајќи му поголема важност на состанокот на делегатот со сите технички служби кои треба да се присутни за организација на еден натпревар.