Раководството на ФФМ на состанок со водечките луѓе на УЕФА

Објавено на 20 Септември, 2024 во Вести


Раководството на  УЕФА предводено од Александар Чеферин (претседател на УЕФА), Теодор Теодоридис (генерален секретар на УЕФА) и Зоран Лаковиќ (директор за Национални асоцијации во УЕФА), во француски Кан, организираше состанок со претседателите и генералните секретари на 55. членки на Европската фудбалска Асоцијација.

Фудбалската федерација на Македонија беше претставувана од претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар Наталиа Божиновска Илиевска.

Состанокот се одвиваше во рамки на ТЕП кој од 2005 година ги обединува претседателите и генералните секретари на членките на УЕФА со раководството на УЕФА. 

На заедничката работилница се дискутираше за новостите во фудбалот на националните тимови, вклучувајќи го и неодамна одржаното Европско првенство, централизацијата на правата за идните национални натпреварувања и користењето на програмата “Хеттрик“.
На тема клупски фудбал се разговараше за новиот формат на клупските натпреварувања и распределбата на средствата.
Раководните луѓе на УЕФА со колегите од асоцијациите - членки дискутираа и за кандидатите за организација на идните светски првенства Шпанија, Мароко и Португалија во 2030 година и Саудиска Арабија во 2034 година.

Во рамки на работниот дел од состаноците се одржаа две одделни работилници - на првата се разговараше за односите на УЕФА со клучните чинители, а на втората работилница се дискутираше за влијанието на политиката врз европскиот фудбал.

Главните размислувања на темата за влијанието на политиката врз европскиот фудбал недвосмислено беа насочени во насока дека со дозволувањето политиката да има влијание врз фудбалот​​ се ризикува да се создадат поделби таму каде што не би требало да има, претворајќи го фудбалот во политичка алатка.

Нашиот спорт треба да остане неутрален и фокусиран на вредностите на фер-плеј, тимска работа и меѓусебно почитување, промовирајќи единство наместо поттикнување на политички агенди.





   
   
А репрезентација