Објавено на 20 Мај, 2015 во Вести
Фудбалерите на Работнички во 23-то финале од Националниот Куп со пресврт славеа против Тетекс на арената "Филип Втори" во Скопје. Тетовската екипа по првото полувреме имаше предност од 1:0 откако Цветан Чурлинов реализираше во 45-та минута. Капитенот Боби Божиновски асистираше при постигнувањето на водечкиот гол за Тетекс. Фудбалерите на Работнички во воведното полувреме имаа само две полушанси преку Илијоски и Алтипармаковски.
Тимот на Работнички ја консолидираше својата игра во второто полувреме, најпрвин Анене не реализираше одлична шанса за израмнување во 65. минута, но по само пет минути Баже Илијоски мајсторски погоди за 1:1. Откако во 71. минута Најдоски кај Тетекс беше исклучен поради груб старт, противникот казни со нов погодок за водство од 2:1. Марјан Алтипармаковски беше стрелец на погодокот на додавање од Анене. Во последните 20-тина минути Работнички рутински ја задржа предноста недозволувајќи му на Тетекс да го загрози голот на Ефремов.
- Одигравме интересен натпревар, сметам дека заслужено победивме. Тетекс од својата единствена шанса постигна погодок, но бевме доволно енергични во второто полувреме, го сменивме пристапот и успеавме да постигнеме два гола за победа. Честитки за моите играчи, посебно за младиот Сахити кој ни даде дополнителна свежина во намерата да направиме пресврт. Одбраната на титулата не е мала работа и треба да бидеме горди на успехот, изјави тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.
- Честитки за Работнички за освоената Куп титула. Црвениот картон на Најдовски многу влијаеше во нашата игра, едноставно со десет играчи е тешко да се бориш против екипа како што е Работнички. Загубивме но одиме понатаму, се надевам на подобри времиња за Тетекс и враќање во првата лига, изјави тренерот на Тетекс, Горазд Михајлов.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....