Објавено на 26 Август, 2014 во Вести
Денес во организација на невладината организација Трибина за единство и Фудбалската Федерација на Македонија, се одржа отворена работилница за состојбите во организацијата на натпреварите од МФЛ, сузбивање на насилство, безбедност и присуство на навивачките групи на стадионите во Р. Македонијакако и за правилна и оправдана примена на Законот за спречување на насилство и недлично однесување и безбедност на стадионите.
На средбата учествуваа Министерката за внатрешни работи - Гордана Јанкуловска, директорот на бирото за јавна безбедност - Митко Чавков, Началник за Град Скопје- Горанче Савовски,Помошник на началникот на СВР Скопје - Горан Ѓорѓиевски,Виш полициски советник за ЈРМ и превенција - Жаклина Просароска; директорот на Агенцијата за Млади и Спорт – Марјан Спасески; претседателот на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски, генералниот секретар на ФФМ – Димитар Зисовски; претставници на навивачките групи Комити, Чкембари, Војводи, Комити Стара Гарда и др.; претставници на фудбалските клубови Вардар, Пелистер, Тетекс и Шкендија; како и високи претставници на ОБСЕ.
Работилницата беше организирана според следниот дневен ред:
1. Ставот, мислењето, забелешките, искуствата и препораките на навивачите за Спречување на насилство и безбедноста на стадионите
2. Методите на дејствување и стратегијата на МВР во организацијата на натпреварите и односот кон навивачките групи
- Методите и постапките за воспоставување ред на трибините
- Дефинирање на слободата на движење и комодитетот на организираните групи навивачи и гледачите на трибините, согласно Законот за сузбивање на насилството и недолично однесување
3. Улогата на клубовите во организација на натпреварите од домашното првенство и препораките на ФИФА, УЕФА и ФФМ
- Инфраструктура, условите и состојбата на трибинскиот простор на стадионите
- Комуникација и соработка со навивачките групи
Сребата ја отвори министерката Јанкуловска која изрази подготвеност да ги сослуша проблемите на засегнатите страни.
Беше отворена дискусија на зададените теми во која први се произнесоа навивачите кои укажаа на потребата од подобра комуникација и забелешки во организацијата на натпреварите.
Се навратија на конкретни ситуации од инциденти на стадионите и упатија иницијатива за надминување на состојбите кои доведуваат до несакани последици, со залагање на сите страни вклучени во организирањето на натпреварите.
Во понатамошната дискусија присутните разговараа за инфраструктурата и организацијата на натпреварите со заклучок дека со заеднички сили условите ќе се подобруваат. Агенцијата за Млади и Спорт посочи на нефункционалноста на фудбалските терени кои беа дел од нивниот проект, и нивното стопанисување од страна на општините. АМС најави можна реорганизација и одземање на правото на стопанисување на сегашните субјекти и доделување на субјектите на кои игралиштата им се неопходни и кои подобро ќе стопанисуваат со терените.
Ставот на ФФМ и на присутните е дека основниот проблем лежи во инфраструктурата и дека со перманентно работење на создавање подобри услови ќе се оствари целта за зголемување на посетеноста на стадионите.
Сите присутни се согласија дека оваа средба е од иницијален карактер и дека само со конструктивен дијалог и почести средби ќе се оствари вистински напредок.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....