Работен состанок со прволигашите

Објавено на 09 Јули, 2014 во Вести

Во просториите на Фудбалската федерација на Македонија денеска се одржа работен состанок меѓу Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, претставници на службите во федерацијата и одговорни лица во клубовите од Првата лига

Главна тема на состанокот беше новата натпреварувачка сезона 2014/15, а се дискутираше и на актуелни теми кои можат да придонесат за развој на натпреварувањето.

Претседателот на натпреварувачката комисија на ФФМ, Васко Дојчиновски ги образложи промените во однос на натпреварувачката сезона 2014/15, ги повтори пропозициите за натпреварување во Првата фудбалска лига и детално ги објасни новитетите од пропозициите за натпреварување кои се однесуваат на Првата фудбалска лига и обврските кои клубовите мора да ги почитуваат и исполнуваат. Од страна на претставниците на прволигашките клубови немаше нејаснотии околу промените во системот на натпреварување, беа согласни околу новите промени и условите кои секој клуб треба да ги исполнува за да добиеме квалитетно првенство.

Сите клубови од новата натпреварувачка сезона своите натпреварите ќе ги играат со фудбалски топки од германската марка „Јако“. Фудбалската федерација на Македонија обезбеди по 30 топки за секој од клубовите кои изразија задоволство од одлуката сите клубови да имаат исти услови кога е во прашање унифицираноста на официјалната топка со која ќе се играат натпреварите.

Една од важните теми за која се отвори конструктивна дискусија беше иницијативата на Фудбалската Федерација на Македонија да се зголеми фудбалската база преку директно вклучување на федерацијата и клубовите во училиштата во државата. Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски ја претстави предлог - иницијативата  за вклучување на тренерите од клубовите во училишниот спорт преку теоретска и практична настава за децата од прво до петто одделение.  Сите клубови ја прифатија иницијативата и изразија задоволство што ќе бидат дел од едукацијата на младите.

-Психофизичкиот развој на децата е многу важен и треба да биде дел од стратегијата на секоја организација.  Во соработка со надлежните институции ние ќе се обидуваме да наметнеме неколку проекти кои сигурно ќе бидат многу корисни за децата и општеството. Преку  Министерството за образование ќе иницираме да се стави поголем акцент на часовите по физичко воспитување на децата од прво до петто одделение преку наше директно учество со едуциран кадар кои ќе работи со тие деца во сите региони во државата. Во проектот ќе бидат вклучени сите селектори на националните репрезентации, радува тоа што и клубовите прифатија нивниот стручен кадар да биде дел од фудбалското воспитување на децата и на овој начин сигурно ќе ја зголемиме нашата фудбалска база и ќе се обидеме да ги насочиме најмладите кон вистинските спортски вредности, изјави Ѓорѓиоски.

На состанокот се разговараше за претходно презентираната идеја и проект за формирање на Б тимови на клубовите од Првата фудбалска лига, сите присутни јасно ставија до знаење дека од евентуалното натпреварување на Б тимови клубовите можат да имаат само бенефит, а конечната одлука писмено треба да ја достават до крајот на работната седмица. Претседателот на ФФМ потенцираше дека условите и пропозициите заеднички ќе ги одредуваат службите во федерацијата и клубовите кои би прифатиле да се натпреваруваат со Б екипи.

Во однос на одлуката на телото за инфраструктура за тоа кои стадиони ги исполнуваат условите да бидат домаќини на натпревари од домашниот шампионат, од претставниците на федерацијата уште еднаш беше потенцирано дека инфраструктурно подобрување мора да има и дека таа одлука најмногу е во интерес на клубовите.  Претседателот на ФФМ на сите присутни уште еднаш им укажа дека  опремата и механизацијата што Фудбалската федерација на Македонија ја обезбеди е специјализирана за одржување и репарирање на тревната подлога на стадионите и сите клубови можат да ја користат без никаков надоместок, се со цел терените квалитетно да се одржуваат и да се обезбедат услови за квалитетно натпреварување.




   
   
А репрезентација