Прво меѓународно искуство за фудбалската академија

Објавено на 05 Март, 2015 во Вести

Фудбалската паралелка од Академијата на ФФМ утре ќе го одигра последниот натпревар од развојниот турнир за фудбалски академии кој се одржува на Кипар.

Нашата фудбалска паралелка од прва година (1999/2000) турнирот ќе го затвори со натпревар против Ерменија. На првите две пресметки против домаќинот Кипар и Грузија запишавме пораз и победа. Во натпреварот со Грузија победивме со 5:4 по изведување пенали, 1:1 по регуларниот дел. На отворањето на турнирот, Кипар ја победи Македонија со 3:2.

Натпреварите на нашата фудбалска академија на развојниот турнир на УЕФА е потврда за посветеноста која Фудбалската федерација на Македонија ја  има кон фудбалските паралелки од Академијата.

Како водечка институција од тој вид во Македонија, основана по примерот на многу европски школи, Фудбалската академија на ФФМ има единствен цел - своите ученици да ги подготви за времето кое доаѓа, како школа за иднина. Целта на оваа развојна програма е да се продуцираат подобри фудбалери, да се изгради правилен микс на спортска, школска и животна едукација, со што ќе се осигура квалитетен развој и технички програми.

-Ова е долгорочен проект на национално ниво, кој исто така би го осигурал поврзувањето меѓу масовното учество во спортот и елитниот младински фудбал. Основна задача на академијата е да ги следи и низ теоретска и практична работа да ги пренесува најновите знаења од областа на фудбалот.

Многу значајно за ФФМ е позитивната критика која ја добива Академијата од програмата за развој на УЕФА.За нас е убаво да слушнеме дека е видлив напредокот во однос на минатите месеци. Најважно е дека ги промовираме вредностите на УЕФА преку квалитетна наставна програма, тренинг процес и техничка стратегија која е битна во периодот кога младите се соочуваат со многу предизвици на теренот и надвор од него, вели Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ кој е дел од развојниот турнир на УЕФА на Кипар.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски оствари и неколку средби со преставниците на Кипарскиот фудбалски сојуз. Поповски вели дека како една од темите за која се разговарало е регионалното клупско натпреварување кое ФФМ како предлог го достави до УЕФА.

-За нас е значајно најпрвин вистински да го претставиме проектот за регионално клупско натпреварување, а потоа да добиеме оцена од останатите федерации за тоа дали предлогот е издржан и дали може во блиска иднина да стане реалност. Не радува тоа што федерциите позитивно се изјаснуваат, се надевам дека во иднина ќе добиеме и практичка потврда на истото, изјави Поповски.



   
   
А репрезентација