Објавено на 17 Мај, 2019 во Вести
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски учествуваат на состанок со асоцијациите членки на УЕФА и раководството на европската фудбалска асоцијација на кој се разговара за иднината на УЕФА натпреварувањата, со посебен акцент на новото (трето) натпреварување (работен наслов: УЕФА Европа Лига 2) за кое УЕФА во декември минатата година даде одобрување за почеток од сезоната 2021.
Со новото натпреварување, кое ќе го отсликува форматот на постоечката Лига на Шампиони и Лига на Европа, повеќе клубови од повеќе асоцијации ќе бидат дел од елитниот европски фудбал. Вкупно 32 екипи ќе учествуваат во групната фаза, а ќе бидат одиграни 141 натпревар.
Претседателот и генералниот секретар на ФФМ денеска во Будимпешта имаа средба и со нашата најдобра фудбалерка, Наташа Андонова и македонскиот репрезентативец и член на МОЛ Види, Бобан Николов. Наташа Андонова утре во главниот град на Унгарија со Барселона ќе игра финале во женската Лига на Шампиони против француски Лион. Сејдини и Поповски и посакаа многу среќа на Наташа и ќе и дадат поддршка на стадионот на Ференцварош.
“Сите сонуваме за успех и победа во утрешното финале, го сакаме пехарот. Целата кариера работам за таа цел, да се искачам на европскиот врв. Нашите шанси се големи за победа и за добар резултат кој ќе ни ја донесе европската круна. Целиот тим размислува победнички, атмосферата е повеќе од позитивна. Знам дека можеме да успееме во нашите цели“, вели Наташа Андонова.
На состанокот во Будимпешта, УЕФА за прв пат ја претстави својата стратегија за женскиот фудбал.
Под слоганот #TimeForAction (#ВремеЗаАкција), европската фудбалска организација УЕФА ја претстави својата стратегија за развој на женскиот фудбал.
Стратегијата на УЕФА за женскиот фудбал е дел од општата стратегија на европската куќа на фудбалот „Заедно за иднината на фудбалот“ за периодот од 2019. до 2024. година. Меѓу амбициозните цели во стратегијата се наоѓаат зголемувањето на бројот на активни фудбалерки во Европа (од 1.3 на 2.5 милиони) и двојно зголемување на гледаноста на женската Лига на Шампиони и Европското првенство за жени, промена на јавното мислење за женскиот фудбал и подобрување на стандардот на фудбалерките во сите земји членки на УЕФА.