Објавено на 06 Октомври, 2014 во Вести
Македонската А репрезентација денеска во хотелот „Гранд Плаза" го имаше првиот собир пред почетокот на подготовките за натпреварот против Луксембург на 9. октомври од квалификациите за ЕП 2016.
Мирко Ивановски со неговиот Клуж има натпревар денеска од романското првенство и тој е единствениот фудбалер од повиканите кој подоцна ќе му се приклучи на тимот на селекторот Бошко Ѓуровски. Првиот тренинг нашата репрезентација ќе го има денес во 17. 00 часот на тренинг комплексот во „Куќата на фудбалот".
Никола Глигоров е повратник во дресот со државниот грб, фудбалерот на Вардар се надева дека подготовките ќе ги одработат на одличен начин и сите максимално ќе се посветат кон остварување на целта, а тоа е победа на Луксембург.
„Мило ми е што се враќам во репрезентацијата, за мене ова е прв повик од селекторот Ѓуровски и ќе го дадам најдоброто од себе да помогнам за да ја оствариме целта. Не очекуваат два натпревари против Луксембург и Украина, сега се фокусираме на првиот, играме дома и ни треба победа. Се надевам дека сите ќе ја сфатиме обврската и ќе се подготвиме на вистински начин, треба да се фокусираме на методите на работа на селекторот и мислам дека ќе успееме. Ни треба позитивна атмосфера и поддршка од публиката"- изјави Глигоров.
На првиот тренинг вечерва се приклучува и фудбалерот на Динамо Загреб, Адеми.