Промовиран УЕФА проектот за развој на женски фудбал Free Kicks

Објавено на 13 Мај, 2016 во Вести

Фудбалската Федерација на Македонија започна со проектот на УЕФА за поддршка и развој на женскиот фудбал наречен Free Kicks.

Во првата фаза од проектот беше имплементирана едукација за практичен развој, со која беа опфатени 35 тренери кои веќе работат во женски фудбал, или би сакале да разботат со женски фудбал во иднина.

Инструкторот на УЕФА Ана Сињол, која втор пат е во Македонија како експерт за развој на женски фудбал имаше задача во двата дена од семинарот на присутните тренери да им го пренесе своето искуство во модерните фудбалски техники преку теоретска и практична работа.


Повеќе од половина од учесниците на семинарот беа потенцијални женски тренери, од кои голем дел сеуште се активни играчи во првата Женска Фудбалска Лига, како и во женската А репрезентација.

Многу ми е мило што повторно сум во Македонија, и по само едно година можам да забележам голем напредок. За разлика од семинарот кој се одржа минатата година, овој семинар е многу попосетен и вистинско освежување е што се присутни толку многу жени. Тоа покажува дека жените можат да препознаат можност за развој на својот кариерен пат во фудбалот и по завршувањето на активната кариера како играчи. Јас сум огромен вљубеник во фудбалската игра, и иако би можела да бидам тренер на машка екипа со својата ПРО лиценца, никогаш не би си заминала од женскот фудбал. Јас сум селектор на женската репрезентација на Шкотска веќе десет години, но покрај тоа што сум селектор во голема мера мојата работа се состои од правење детални стратегиски планови за иден развој. Верувајте дека не е лесно да се дојде до успех и дека тоа не се постигниува реку ноќ. Секогаш кога ќе видите дека некоја женска селекција направила исчекор, бидете сигурни дека позади тоа стојат многу посветени луѓе кои вложиле илјадници часови напорна работа.Јас лично припаѓам на една постара генерација која немаше можност да игра професионален женски фудбал, затоа што едноставно немаше клубови, немаше никакви услови. Денес во Европа работите се многу поинакви, сѐ повеќе девојчиња ја имаат можноста да бидат дел од оваа прекрасна игра, И ако смеам да замислам една желба, тоа би било секое девојче секаде низ светот да има можност да игра фудбал во согласност со своите можности, желби и аспирации. – истакна Ана Сињол.

Центарот за едукација на тренери на ФФМ е исклучително задоволен од тоа што Ана Сињол е повторно присутна кај нас како инструктор за женски фудбал, бидејќи нејзиното прво доаѓање како инструктор во Македонија минатата година, како и нејзиното искуство во европскиот женски фудбал покажуваат за каков квалитет станува збор. Исто така посетеноста на овој семинар ги надмина очекувањата и самиот факт дека во групата покрај тренерите кои веќе работат во Прва ЖФЛ, имаше и 15 девојки, од кои 12 веќе следниот месец ќе дојдат на семинар за добивање на УЕФА Б диплома, ни дава за право да се надеваме на подобри денови во тренерскиот кадар во женскиот фудбал.

Темите и содржините кои беа презентирани од страна на Сињол беа во контекст на реалните ситуации и барањата на екипите во женскиот фудбал во Македонија, како и во контекст на заштита и привлекување на играчи во младинските екипи на женските клубови со што ќе се овозможи континуитет во работата на клубовите.

Фудбалската Федерација на Македонија во натпреварувачката 2015/16 сезона започна проект со организирање на младински женски турнири, во кои учество земаа 10 екипи за девојчиња до 12 и до 14 години. Со поддршката на едукација на женски тренери ќе се зголемат можностите за привлекување на поголем број на женски играчи кои досега немале прилика да се приклучат кон активен тренажен процес.




   
   
А репрезентација