Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски му посака добредојде на Никола Ѓорѓев

Објавено на 13 Април, 2016 во Вести


Големиот талент и играч во првиот тим на швајцарски Грасхоперс, Никола Ѓорѓев денеска е во посета на Фудбалската федерација на Македонија. Младиот офанзивен фудбалер минатата седмица потврди дека прифаќа да биде дел од репрезентацијата на Македонија по разговорите кои претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и стручниот штаб во репрезентацијата ги водеа со Ѓорѓев и неговите родители. 18-ет годишниот фудбалер роден во Баден досега настапуваше за младинските селекции на Швајцарија.

-Убаво е чувството за секој од нас кога гледаме дека еден македонски фудбалер игра важна улога во еден голем клуб како што е Грасхоперс. Кога зборуваме за Никола Ѓорѓев секогаш разговараме за него и како добра и примерна личност, која воедно е и многу скромна. Мило ми е што успеавме да го придобиеме и да игра за репрезентацијата на Македонија. Се надевам дека ќе придонесе многу за да имаме подобри резултати. Ние ќе продолжиме да бараме квалитетни фудбалери кои имаат македонско потекло и кои можат да ја засилат конкуренцијата во тимот. Така беше и во случаите со Адеми, Митов, Абдурахимии многу други фудбалери од младите национални тимови, рече претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Никола Ѓорѓев изјави дека е среќен што се враќа во Македонија и што ќе има можност да биде дел од репрезентацијата.

-Навистина ми е мило што го облеков македонскиот дрес, за мене тоа е посебно чувство. Знам колку луѓето од федерацијата и самиот претседател на ФФМ се трудеа околу мене и тоа навистина ми значи. Вие го препознавте мојот квалитет, јас се надевам дека ќе се оддолжам со добри игри во дресот на репрезентацијата на Македонија, изјави Ѓорѓев.

Никола Ѓорѓев е роден на 22. август 1997 година во Баден, Швајцарија. По Давид Митов Нилсон, Аријан Адеми, Бесарт Абдурахими и многу други фудбалери кои имаат македонско потекло и сега настапуваат за младите национални селекции, Никола Ѓорѓев е последното големо засилување за селекцијата на Македонија. Неговите родители потекнуваат од струмичко Ново Село, а во Швајцарија се преселени пред повеќе од 25 години.





   
   
А репрезентација