Објавено на 22 Март, 2023 во Вести, Вести
Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски на официјална прес-конференција говореа за очекувањата од утрешниот натпревар против Малта на Националната арена „Тодор Проески“.
Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација
„Секако дека анализите кои ги правевме се од последните четири натпревари на Малта, но тоа не мора ништо да значи дека така ќе биде на следниот дуел затоа што имаат нов селектор, но играчите се тие. Се работи за квалитетна репрезентација, со квалитетни индивидуални карактеристики на играчите. Имаме максимален респект кон противникот, но ќе нагласам дека сето она кое ќе се случува на натпреварот зависи во најголема мера од нас самите. Кога ги гледам момците како изгледаат, повеќе од уверен сум дека ќе тргнеме успешно во овие квалификации. Ама, во денешниот фудбал фаворити не постојат, ќе мора да се вложиме максимално за успех.“.
„Лигата на нации дојде после одлични мундијалски квалификации во кои првпат бевме втори, после два извонредни баражи за СП, па имавме проблеми со составот. Реалноста е таа дека имаме 20 до 25 фудбалери кои се конкурентни, но за жал не ги имавме сите играчи на располагање. Додадовме 12 дебитанти на кои им треба време за аклиматизација на сѐ што се бара во националниот тим. И тие мечеви ги искористивме за да создадеме хемија помеѓу помладите и искусните, а од собир до собир изгледаме сѐ подобри како тим. Затоа не гледам причина зошто да не напредуваме. Тоа е главната цел, а имаме и противници кои се предизвик, ќе се потрудиме да одговориме на најдобар начин“
Стефан Ристовски - капитен на македонската А репрезентација
„Се работи за една од потешките групи во овие квалификации, но низ целиот циклус се носевме ние со повреди и не бевме комплетни. Ние сме селекција која за жал нема голема ширина на играчи, но ете, драго ми е што сме сите тука моментално и се надевам дека низ целата година ќе бидеме здрави. Тоа е и најважно. Доволно се знаеме и сме искусни во оваа репрезентација.
Кажав доста пати дека сите ривали се исклучително квалитетни репрезентации, тука се фаворитите за европската титула Ангилја и Италија, исто така и Украина која располага со одлични резултати. Одиме чекор по чекор, имаме добар распоред и ако отвориме со Малта на добар начин, ќе добиеме ветер во грбот за следните натпревари“.