Објавено на 22 Јануари, 2021 во Вести
Ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот на Фудбалска федерација на Македонија на прес - конференцијата по повод известувањето од Агенцијата за млади и спорт и уважената тужба на Фудбалската федерација на Македонија.
Муамед Сејдини - претседател на Фудбалска федерација на Македонија:
- Најмалку што сакавме во едно вакво време, во денови кога се слави македонскиот фудбал и нашите резултати е да зборуваме за работи кои не се поврзани со играта, лигата или репрезентациите, но некогаш едноставно - немате избор.
Оваа прес - конференција ја свикавме со една, единствена цел.
Со факти и одлука на хартија да им покажеме и потврдиме колку не знаат и колку не се срамат што не знаат.
За тоа, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт - се одговара.
Во текот на вчерашниот ден, и до мене стигнаа шпекулации дека одредени претставници на клубовите од македонската лига се повикувани во државни институции, присилувани да потпишуваат некаква поддршка за бојкот на Генералното Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, уценувани со поделбата на ваучерите. Шпекулациите одеа дотаму што на големо се споменуваше и името на Премиерот на нашата држава.
Одбивав да верувам во таквите „игри без граници“ сѐ додека не го прочитав соопштението од Агенцијата за млади и спорт објавено на нивната официјална страна.
Во известувањето од Агенцијата за млади и спорт се вели дека при извршен инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија се утврдени низа неправилности спротивно на Законот за спорт.
Наведуваат дека решението било обжалено и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата беше отфрлена како неоснована од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението стана правосилно и извршно и против него не е дозволена жалба.
И сега доаѓаме до моментот од кој треба да се срамиме сите ние од начинот на кој постапуваат одредени наши инситуции, во овој случај највисокото државно тело за спорт.
Вистина е дека решението на второстепената комисија е конечно и против истото нема право на жалба. Но, има право на тужба против, на овој начин, донесениот управен акт.
Фудбалската федерација на Македонија согласно законите поднесе тужба со која поведе Управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното Решение.
И бидејќи овој „сакам кажам - не знам речам“ начин на комуникација е нивен избор, а ние „на сила“ сме принудени да се браниме од нешто што не е вистина, еве, тука пред вас и пред цела јавност ја објавувам пресудата од поднесената тужба против поништеното решение кое Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе го спроведува.
Пресудата вели дека тужбата на тужителот Фудбалска федерација на Македонија СЕ УВАЖУВА. Решението се ПОНИШТУВА.
За ова, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт се одговара.
За ваквиот начин на постапување се известени УЕФА и ФИФА, кои го следат овој случај од моментот кога се вршеше инспекцискиот надзор. Известени се за сите одлуки и начинот на кои се носени тие одлуки.
Не дај Боже, никој од нас не посакува, но чувствувам обврска да истакнам дека ваквото постапување може да донесе „квантен скок“ ама наназад за македонскиот фудбал и нашите репрезентации.
Причина за тоа нема да биде Фудбалската федерација на Македонија, ниту јас како претседател, туку срамното и слепо однесување на поединци и институции со цел да се стави рака врз Фудбалската федерација на Македонија.
На крајот, Ве уверувам дека Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи да се спротивставува на било каков притисок кој не доаѓа од фудбалското семејство. За сѐ друго сме отворени за соработка се цел продолжување на сонот кој го живееме.