Прес конференција на Вардар и Струга Трим Лум во рамките на финалето од Купот на Македонија

Објавено на 20 Мај, 2025 во Вести


Вардар и Струга Трим Лум утре од 20:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се соочат во рамките на новото финале од Купот на Македонија.

На денешната прес-конференција, тренерите и капитените на двата тима ги споделија своите очекувања во пресрет на утрешното финале. 

Илчо Ѓорѓиоски - шеф на стручниот штаб на ФК Струга Трим Љум:

- Финале на Куп пред почетокот на сезоната го посакуваат сите, ова е натпревар кој се чека цела сезона. Ние ќе бидеме дел од овој меч, а сакаме да го освоиме ова натпреварување. Струга е релативно млад клуб, во своето постоење има две титули и загубено финале на Купот. Сега имаме втора шанса, сакаме да го донесеме трофејот во Струга. Како тим дефинитивно сме подготвени, желни и мотивирани за утрешниот натпревар. Имаме доволен број на квалитетни и искусни фудбалери кои знаат да се носат со предизвикот. 

-Според мене, Вардар е фаворит на утрешниот натпревар. Многу го ценам овој клуб, како играч и тренер освојував титули, тоа е мој клуб. Сепак, дефинитивно сакам да победам во ова финале. Вардар ќе игра пред свои навивачи, ама ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик. Ќе влеземе во средбата за да ја добиеме. Вардар е анализиран. тие направија конкурентен тим и низа победи, па имаат максимален респект од наша страна. Знаеме што сакаме и како треба да ја достигнеме зацртаната цел.

Буњамин Шабани - капитен на ФК Струга Трим Љум:

-Играме многу важен натпревар против Вардар. Сите ќе дадеме свој максимум и мислам дека како екипа можеме да дојдеме до трофејот. Ние сме подготвени, искусни играчи сме и живееме за овој тип натпревари. Сметам дека нема да биде проблем фактот дека играме во Скопје и покрај односот на навивачи на трибините. Зад нас имаме големи натпревари дури и во Европа, па тоа е нашата предност. Претходните натпревари со Вардар не значат ништо, утре играме соссема нов меч. Нијанси ќе го решаваат ова финале“

Гоце Седлоски - шеф на стручен штаб на ФК Вардар;

-Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Ние се гледаме самите себеси. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам и утре.

Секој натпревар во овие месеци зад нас беше финале, а ова е друг меч и постои притисок. Свесни сме сите, играчите ако го дадат максимумот мислам дека можеме до успех. И ние, но и Струга го заслужуваме ова финале. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има доста публика во Скопје. Ова е финале, двата тима мора да се фокусирани на својата игра. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил

Горан Закариќ - капитен на ФК Вардар;

-Чест и задоволство ми е што сум тука како капитен на Вардар. Би се сложил со тренерот Седлоски, 18 години минаа и имаме голема шанса да го вратиме трофејот во витрините на клубот. Мислам дека со помош на нашите навивачи ќе се избориме за таков успех. Се надевам дека ќе уживаме во овој натпревар, имаме доста одиграни средби со Струга. Ќе се подготвиме максимално и се надевам ќе се радуваме сите заедно по натпреварот. Тука сум од првиот ден на сезоната, имавме тежок период и секако дека имаше доста промени. Одработивме врвни припреми во јануари, а оваа низа без пораз заслужува респект, особено кон луѓето кои дојдоа подоцна и ги сменија работите. Покажавме пролетва кои сме и што сме, па мислам дека и утре ќе дадеме свој максимум за да стигнеме до успех.





   
   
А репрезентација