Прес конференција на Тиквеш и Воска во пресрет на утрешното финале од Купот на Македонија

Објавено на 21 Мај, 2024 во Куп на Македонија, Вести


Тиквеш и Воска Спорт утре од 19:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се соочат во 31-то финале од Купот на Македонија.

На денешната прес-конференција, тренерите и капитените на двата тима ги споделија своите очекувања во пресрет на утрешното финале. 

Ѓорѓи Мојсов - шеф на стручниот штаб на ФК Тиквеш:

Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме. Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот. Верувам дека моите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани и дека ќе ја заокружиме оваа сезона на најдобар можен начин. Победникот може да го реши еден момент, грешка или инспирација на одреден фудбалер. ”

Александар Вареловски - капитен на ФК Тиквеш: 

Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот. Ќе дадеме се од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци. Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“. 

Срѓан Захариевски - шеф на стручниот штаб на ФК Воска Спорт

Тиквеш има голема традиција, иако после толку години првпат кавадарчани стигнуваат до финале. За разлика од нив ние сме млад клуб кој постои неколку години, ова е прва година во Прва лига за Воска и веднаш стигнуваме до историско финале што е голем успех. Првенството го завршивме на посакувано место, па сега одиме да се надигруваме против Тиквеш во Купот на Македонија. Тие се хит во пролетниот дел од сезоната и сакам да им честитам за четвртото место на табелата кое е одлично остварување за Тиквеш. Играат добро, но сепак и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз и дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија. Еднаш бев учесник во финале како тренер на Металург и загубивме од Работнички. Се надевам дека сега со Воска Спорт ќе бидеме поуспешни и дека ќе ги оствариме нашите цели“. 

Костадин Захов - капитен на ФК Воска Спорт:

Очекувам добар натпревар. Тиквеш е квалитетна екипа, играат офанзивен фудбал и заслужено се тука. Ние исто така имаме свои очекувања од мечот за титула. Многу е поинаку од моите претходни искуства во вакви натпревари. Веројатно и многу поголем предизвик. Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин



   
   
А репрезентација