Прес: Храбро и мотивирано против големиот фаворит

Објавено на 05 Октомври, 2017 во Вести, Вести


Македонија нема да се предаде пред време и без разлика на силата на Италија утре во Торино ќе се обиде да се надигрува со реномираниот противник. Селекторот на најдобрата македонска репрезентација Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев на официјалната прес конференција пред утрешниот натпревар пред медиумите најавија дека ќе се обидат максимално да одговорат на предизвикот, со верба дека ќе се повтори уште еден натпревар на нивото на предходните меча.

“Чест ми е што како селектор ќе ја предводам Македонија против четирикратниот светски првак. Ја респектираме Италија, но исто така зрачиме со оптимизам и веруваме дека можеме да бидеме конкурентни како и на првиот натпревар во Скопје и да извлечеме позитивен резултат. Двете земји ги поврзува нашата фудбалска икона, Горан Пандев, кој верувам дека и утревечер ќе биде вистински лидер во нашиот национален тим и ќе им создаде многу мака на Италијанците“, изјави селекторот Игор Ангеловски.


“Знаеме дека Италија е голема репрезентација. Ние сме подготвени, на последните натпревари игравме добро. Се надеваме дека утре ќе одиграме добар натпревар па ќе видиме што ќе биде. Италија е фаворит, но ако одиграме како на натпреварот во Скопје, се може да се случи. Имаме неколку играчи кои играат во Италија и тоа може да ни биде од корист. Знам дека дефанзивците на Италија се силни, можеби нема да можеме да направиме многу шанси, но ако на пример создадеме две-три прилики треба да бидеме концентрирани да ги искористиме.  Добро би било да дадам гол, да одиграме нерешено и на крајот сите да бидеме среќни“, вели капитенот Горан Пандев, кој што очекувано цело време се најде на центарот на вниманието од италјанските медиуми имајќи предвид дека речиси цела кариера игра во Италија, каде што освои све што може да се освојува на клупско ниво.

Натпреварот Италија-Македонија од квалификациите за Светското Првенство “Русија 2018“ се игра во петок во „Стадио Олимпико“ во Торино со почеток од 20:45 минути. 



   
   
А репрезентација