Објавено на 20 Ноември, 2015 во Вести
Денеска во „Куќата на фудбалот“ на покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски работен состанок одржаа претставници на ФФМ, претседателите на клубовите кои имаат најголем број фудбалери во младите национални тимови и академиите на ФФМ и менаџерот во центарот за развој на фудбал во УЕФА, Жан Франсоа Домерк кој што е одговорен и за проектот „Фудбалска академија на ФФМ“.
Главна тема на состанокот беше фудбалската академија која е во организација на ФФМ и УЕФА за фудбалери родени 2001. и 2002. година. Гостинот од УЕФА, Жан Франсоа Домерк ги истакна активностите во академијата и проблемите кој ги увидел за време на посетата и евалуација на работењето на академијата. Претседателите на клубовите исто така ги истакнаа своите видувања за учеството на нивните фудбалери во академијата.
Менаџерот на центарот за развој на фудбал во УЕФА меѓудругото истакна дека на фудбалот во Македонија му се неопходни проекти од овој тип за да го достигне потребното ниво на развој, а УЕФА ќе ја поддржи секоја идеја која значи развој на младите фудбалери и во таа насока ќе помогне на клубовите во заедничка соработка со Фудбалската федерација на Македонија. Домерк побара од клубовите силно да го подржат проектот кој е во интерес на развој на младите фудбалери и фудбалот во Македонија.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски предложи заклучок кој писмено ќе биде доставен на увид на клубовите, а главните точки се однесуваат на следното:
-Од идната натпреварувачка сезона, 2016/2017, клубовите да ги ослободат селектираните фудбалери (родени 2002/2003) со цел активно да бидат на располагање на фудбалската академија. Покрај тренинзите селектораните фудбалери ќе играат за тимот на фудбалската академија кој ќе партиципира во детските лиги и натпреварувањата во лигата за помлади пионери на ФФМ. Фудбалерите ќе останат членови на матичниот клуб, а целта е комплетно да се реализира програмата за развој на УЕФА за елитни млади фудбалери.
-Клубовите ќе им овозможат на фудбалерите активно да учествуваат во коплетниот тренажен процес на фудбалската академија на ФФМ и УЕФА.
-Повеќе активности во едукативниот процес на тренерите кои работат со млади фудбалери со цел квалитетно спроведување на програмата на УЕФА.
-Фудбалската федерација на Македонија во рамки на можностите ќе обезбеди уште подобар третман на младите фудбалери во академијата во делот на школувањето, исхраната и сместувањето.
Програмата за развој на младите фудбалери треба да претставува национален интерес и треба да се поддржи. Во досегашниот период донесе низа позитивни работи, но има можности за напредок.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....