Повторно пораз во одлична игра, Македонија – Словачка 0:2

Објавено на 16 Ноември, 2014 во Вести, Вести

Македонската А репрезентација загуби од Словачка со 2:0 на Националната арена „Филип Втори“ во натпревар од четвриот круг од квалификациите за пласман на ЕП 2016 во Франција.

Грешките во одбраната на нашата селекција беа клучни за триумфот на словаците во Скопје. Со два гола во првото полувреме Словачка стигна до четвртата победа во нашата група. Јурај Куцка во 25. и Адам Немец во 38. минута ги обезбедија трите бода за перфектен ефект на Словачка. Натпреварот го започнавме со убава шанса на Крсте Велкоски, но одличен на голот на словаците беше Матуш Козачик. Во 25. минута офанзивниот фудбалер на Словачка, Владимир Вајс лесно се ослободи од Езџан Алиоски, и со додавање на втората статива асистираше Јурај Куцка за водство на гостите од 1:0. Нашата одбрана не беше на висина на задачата и при вториот гол на Словаците, кога Мирослав Шток лесно се проби по левата страна, упати центаршут по земја, Даниел Мојсов слабо реагираше, ја промаши топката и го остави Адам Немец рутински да реализира. До крајот на првото полувреме се обидовме да ја намалиме негативата преку два одлични слободни удари на Александар Трајковски, првиот заврши во пречката, а при вториот реагираше голманот Козачик. Во вториот дел имавме целосна доминација, Трајковски имаше уште неколку одлични удари, погоди уште една пречка, а во следниот обид повторно одбрани голманот на Словачка. Нашите напади не престануваа сѐ до последниот свиреж, но немавме среќа да постигнеме погодок. И на овој натпревар среќата ни го сврте грбот по двете погодени греди на Трајковски, и уште неколку извонредни шанси за Велкоски и Абдурахими.


Македонскиот селектор Бошко Ѓуровски нагласи дека е можеби дојден моментот, сега до крајот на овој квалификациски циклус да се оди на природно подмладување на репрезентација затоа што двата последни дуели со Украина и со Словачка покажаа дека имаме потенцијал кој треба да се насочува.

„Сега имаме време до март и мислам дека треба да размислиме, да се направи една добра анализа, за едно природно подмладување на репрезентацијата. Се гледа дека има одличен потенцијал во овие млади играчи и треба во иднина да се насочат на вистински начин. Одигравме одлично во второто полувреме, но ете за жал не успеавме да реализираме. Ќе речете дека и Словаците имаа предност од 2-0, па така играа, но сепак создадовме серија шанси кои ете повторно не знаеме да ги искористиме. Трајковски, Абдурахими и Адеми и сега го потврдија квалитетот. Тоа се фудбалери кои навистина заслужуваат да имаат успеси со Македониа и затоа треба да направиме селекција со темел кои тие би го носеле, изјави Ѓуровски. 





   
   
А репрезентација