Објавено на 15 Ноември, 2018 во Билети, Вести
Македонската А репрезентација на 16. ноември во петок гостува во Вадуц за натпреварот од 5. коло против Лихтенштајн од Лига на нации - претпоследен натпревар во групата.
Ги потсетуваме сите заинтересирани навивачи и поддржувачи на нашата репрезентација кои живеат во странство и кои сакаат да присуствуваат на натпреварот дека влезниците се пуштени во продажба преку официјалната страница на Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн, www.lfv.li, по цена од 25.CHF за возрасни, 12.CHF за лица од 16. до 20. годишна возраст и 7. CHF за деца.
Домашната федерација го определи Сектор 2 (блок Г и Х) од Јужната трибина на стадионот во Вадуц каде ќе бидат сместени навивачите и поддржувачите на репрезентацијата на Македонија.
Вратите на стадионот од секторот каде што ќе бидат сместени нашите навивачи ќе бидат отворени еден час пред почетокот на натпреварот Лихтенштајн - Македонија, односно во 19:45 часот. Натпреварот започнува во 20:45 часот.
Како организатор на натпреварот, Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн го задржува правото за проверка и контрола на податоците од влезниците и споредба со личните податоци поради што неопходно е сите кои сакаат да присуствуваат на мечот да поседуваат лични документи.
Фудбалската федерација на Македонија ги повикува сите гледачи и навивачи на Македонија да навиваат фер и коректно и да и помогнат на нашата репрезентација да дојде до нова победа која ќе ја приближи Македонија до првото место во групата.
На стадионот нема да биде дозволено внесување на било какви предмети кои можат да предизвикаат повреда или се штетни за здравјето на посетителите, пиротехнички средства, храна и пијалаци, транспаренти и натписи со расистичка, националистичка и политичка порака кои немаат врска со спортот.
Благодарност до сите наши навивачи кои ќе и дадат поддршка на Македонија, ви посакуваме да уживате во натпреварот Лихтенштајн – Македонија и заеднички да запишеме нова победа во Лига на нации.