Отворена фудбалска паралелка во Битола, стадионот ќе добие нова тревна подлога и осветлување

Објавено на 25 Септември, 2014 во Вести

Градоначалникот на Битола и претседателот на ФФМ, денес ја промовираа првата регионална дисперзирана спортска паралелка во општина Битола во која веќе се запишани 23 ученици и тоа 18 од Битола, а останатите од Ресен и Демир Хисар.

Наставата за спортската паралелка ќе се изведува во средното земјоделско училиште, каде што неодамна е отворена новоизградената спортска сала.

„Битола е дел од проектот за отворање на фудбалска паралелка во рамките на Фудбалската академија. Станува збор за заеднички проект на Владата на Република Македонија, министерството за образование, ФФМ, локалната самоуправа, агенцијата за млади и спорт. Ова е еден успешен проект кој што го почнавме пред две години со паралелка во Скопје, а сега отворивме уште 8 дисперзирани паралелки. Битола е еден од најголемите фудбалски центри во Македонија и веруваме дека со отворањето на оваа паралелка ќе имаме еден континуиран развој на младите фудбалери и подигнување на квалитетот на фудбалот во овој регион“, изјави Илчо Ѓорѓиoски, претседател на ФФМ.

На учениците денес им беше доделена и комплетна опрема која ќе им биде потребна за успешна реализација на програмата, а професорите добија и програма за развој според која треба да се работи.

„Во Битола започнува нова страница во спортот. Се надевам дека идната година покрај фудбалската ќе се отвори и паралелка за ракомет. Оваа насока претставува гимназиско образование надополнето со стручни предмети. Предметите кои ќе ги изучуваат треба да ги оспособат овие млади луѓе во фудбал и верувам дека дел од нив еден ден ќе прераснат во вистински таленти кои ќе бидат и дел од највисоката фудбалска репрезентација на Македонија. Општина Битола максимално го поддржува овој проект“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Градоначалникот на Битола и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиoски го најавија и новиот проект од „Хет трик„ програмата за поставување нова подлога и поставување рефлектори на стадионот. Оваа инвестиција ќе овозможи подобрување на инфраструктурата и условите за игра на градскиот стадион. Проектот во општина Битола се очекува да стартува идната година и е дел од веќе дефинираниот план за изградба на нов стадион во Битола. 





   
   
А репрезентација