ОФС Битола: „Силен фокус на развој на фудбалската игра“

Објавено на 17 Февруари, 2016 во Вести


Златко Талевски, претседател на Општинскиот фудбалски сојуз Битола зборува за приоритетите за развој на фудбалот во битолскиот регион.

Дали фудбалот е доминантен спорт во вашата средина, односно колкав е интересот за фудбалот во вашиот регион?

-Нашата средина ја оценуваме за исклучително фудбалска, за што сведочи и фактот дека во нашиот Општински фудбалски Сојуз се натпреваруваат 30 фудбалски екипи. Пет фудбалски екипи се натпреваруваат во регионот, една екипа  во Втората фудбалска лига, како и три женски фудбалски екипи од кои две се натпреваруваат во Првата женска фудбалска лига.

Колку екипи во младиските конкуренции учествуваат во системот на натпреваување на ФФМ?

-Во младинските конкуренции од нашиот Општинскиот Фудбалски Сојуз во системот на натпреварување на ФФМ учествуваат осум фудбалски екипи.

Дали постојат талентирани деца на кои треба да се посвети поголемо внимание?

-Да, со оглед на тоа дека постои масовност на деца кои тренираат во младинските категории, логично е да постојат и значаен број на талентирани деца. Се трудиме на овие надежни млади фудбалери да им посветиме поголемо внимание и да им овозможиме соодветни услови за тренинг и развој. За ова се грижи и соодветен стручен тренерски кадар кој е способен да работи со сите категории.


Какви активности се превземаат и дали постојат конкретни планови за унапредување на инфраструктурата?

-Во соработка со Општината и фудбалските клубови постојано се работи на овој предизвик. Се превземаат низа активности за да се изврши надградба на сите фудбалски игралишта за поголема безбедност при одигрување на натпреварите, во соработка со ФФМ и нашата општина направено е и игралиште со вештачка трева, а во тек е и изградбата на градскиот фудбалски стадион. Следен чекор ќе биде изградба на придружни фудбалски објекти кои се неопходни за нормално функционирање и работа. Што значи дека работиме со полна пареа.

Посочете некој резултат или работа на која сте посебно горди?

-Посебно сме горди на тоа што нашиот општински фудбалски сојуз е најголемиот во државата со најголем број на екипи кои се натпреваруваат во две општински лиги. Потоа, значајно е да се напомене  и големиот број на млади фудбалски судии кои судат во сите натпреварувања во организација на ФФМ и големиот број на делегати и фудбалски контролори кои се инволвирани во натпреварувањата. А, посебно значајно за нас е отворањето на фудбалската паралелка на спортската академија за млади фудбалери со седиште во Битола.

Како ја оценувате соработката со ФФМ, на кое поле сметате дека треба да има подобрувања?

Како што напоменав, со ФФМ имаме екстензивна соработка на повеќе проекти и ја имаме нивната целосна поддршка. Слободно можам да кажам дека соработката на сите полиња е одлична и се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина.

Дали сте имале можност за учество во некаков проект или интернационална соработка за размена на искусва и имплементирање на пракса  со цел унапредување на фудбалот во вашиот регион?

-Досега, за жал, не сме имале можност за учество во некаков проект или некоја интернационална соработка за размена на искуства. Но контакти постојат, па за во иднина се надеваме дека ќе бидеме дел од некој турнир или семинар на меѓународно ниво со што ќе придонесеме за унапредување на фудбалот во нашиот регион.

Какви се вашите очекувања и планови за во иднина?

-Се надеваме дека и во иднина ќе продолжи одличната соработката со ФФМ на сите полиња, а посебно ќе се концентрираме на подобрување на инфраструктурата. Ќе се зложиме за вложување на дополнителни средства за подобрување на условите за работа со младите фудбалери и судии и успешно да се справиме со сите тековни предизвици. Со ваквиот тек на работа, очекуваме да се постигнат позитивни резултати со кои ќе се афирмира нашиот како клупски така и репрезентативен фудбал.

Дали сметате дека треба да има промена во системот на Втората лига, односно поделба на два региони (источен и западен)?

-Според нас треба да има промена во системот на Втора лига т.е. треба да има поделба  на два региона.




   
   
А репрезентација