Официјален тренинг на Македонија до 21 година пред дуелот со Србија. Драги Канатларовски: Тимскиот дух е нашиот најголем квалитет

Објавено на 23 Март, 2022 во Вести, До 21 год


Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска ги продолжи подготовките во Белград, во пресрет на дуелот од 7. коло во групата Х, во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2023 година во Романија и Грузија.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски, денеска на стадионот на ФК Вождовац го имаа официјалниот тренинг пред утрешниот квалификациски меч.

Нашите млади фудбалери имаат голем ентузијазам, одлично ги одработуваат задачите поставени од селекторот Драги Канатларовски, подготвени се за предизвикот и пресметката со Србија.

Селекторот на младата  репрезентација на Македонија до 21 година, Драги Канатларовски е полн со комплименти за противникот и нивниот нов селектор, Горан Стевановиќ.

„ Пред се сакам да испратам честитки на раководството на Србија, за ангажанот на Горан Стевановиќ како нов селектор на репрезентацијата. Горан пред се е мој многу добар пријател, кој беше извонреден и феноменален фудбалер, а моментално е одличен тренер и прекрасна личност. Му посакувам се најдобро. Противникот го почитувам многу, имаат промени во составот и стручниот тим во споредба со средбата во Охрид, но секако поседуваат голем индивидуален потенцијал. Запознаен сум добро со нивните квалитети, селекцијата е составена од фудбалери кои поседуваат огромен индивидуален квалитет. Имаме јасна цел, многу добро знаеме како треба да одиграме, верувам во квалитетот на моите фудбалери, сакам да го пофалам нивното залагање на тренинзите и огромната желба за добар настап и позитивен резултат на претстојната средба. Нашата предност е во тоа што одлично функционираме како тим. Тимскиот дух што го поседуваме може да биде и одлучувачки фактор на утрешната средба. Верувам дека ќе постои огромен мотив за докажување кај двете селекции. Ќе излеземе на терен со јасна цел, да одиграме добро, квалитетно и фокусирано во текот на сите 90 минути. Не смееме да му оставиме многу простор на противникот да се разигра, нека победи подобриот"



   
   
А репрезентација