Одржан регионален состанок на федерации во Будва

Објавено на 27 Ноември, 2015 во Вести

Фудбалскиот сојуз на Црна Гора во Будва беше домаќин беше на третиот регионален состанок на фудбалските федерации.

Состанокот одржан во хотелот „Авала“ е прв на коj покрај претставниците на БиХ, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија, присуствуваа претседателите и генералните секретари на Албанија, Бугарија, Грција, Кипар и Романија со што групата на регионални федерации е проширена на 11 членови.

Новите членови потпишаа меморандум за соработка кој иницијално беше потпишан од страна на шесте сојузи на основачкото собрание одржано во Љубљана кон крајот на јануари оваа година и кој предвидува зацврстување на пријателските односи, заштита на интегритетот и борба против сите негативни појави во фудбалот.

Претставниците на федерациите од регионот му одадоа признание и изразија благодарност кон претседателот на УЕФА, Мишел Платини за се што има направено за просперитет на европскиот и светскиот фудбал и му упатија полна поддршка во борбата за докажување на својата невиност и кандидатура за претседател на ФИФА.

Истовремено, споменатите сојузи упатија официјално барање до комисијата за етика и сите органи на ФИФА да постапуваат по барањата на Извршниот одбор на ФИФА и во конкретниот случај на претседателот на УЕФА Мишел Платини да ги почитуваат статутарните рамки на делување во процедурата, по забрзана постапка да донесат одлука, посебно почитувајќи ги роковите во врска со претстојните претседателски избори во ФИФА, во насока да не се злоупотребуваат овластувањата, а со тоа да нанесат голема штета на фудбалот.

На состанокот е изразено задоволство од работата на администрацијата на УЕФА и упатена е апсолутна поддршка и во иднина да се зачува континуитетот во работата на европската куќа на фудбалот. Учесниците го поддржаа предлогот за зголемување на Извршниот одбор на УЕФА за два нови членови кои би дошле од националните сојузи.

Следниот регионален состанок на овие федерации ќе се одржи кон крајот на јануари идната година, а домаќин ќе биде Фудбалскиот сојуз на Србија.

Фудбалската федерација на Македонија на состанокот го претставуваа претседателот Илчо Ѓорѓиоски и потпретседателот Мухамед Сејдини. 




   
   
А репрезентација