Одржан редовен состанок со второлигашите

Објавено на 10 Јули, 2014 во Вести

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, претставниците на екипите од Втората фудбалска лига и раководните луѓе од службите во ФФМ денеска одржаа редовен работен состанок во “Куќата на фудбалот“.

Главна тема на состанокот беше почетокот на натреварувачката сезона 2014/15 и промените во системот на натпреварување. Претставниците на клубовите од Втората лига со раководните луѓе од федерацијата споделија мислења, предлози и иницијативи и на други теми со цел да се придонесе за развојот на натпреварувањето.

Претседателот на натпреварувачката комисија на ФФМ, Васко Дојчиновски ги образложи промените во системот на натпреварување за новата сезона која официјално ќе започне на 9. август 2014. Комесарот за натпреварување на ФФМ потенцираше дека федерацијата ќе бара исполнување на пропишаниете критериуми и клубовите мора да ја почитуваат регулативата за исполнување на целите за кои заеднички се бориме, а тоа е поквалитено првенство со инфраструктурни подобрувања. Во таа насока, Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски повторно ја истакна заложбата на ФФМ да им помогне на клубовите со давање на опремата и механизацијата што федерацијата ја обезбеди, а е специјализирана за одржување и репарирање на тревната подлога на стадионите без никаков надоместок, сѐ со цел терените подобро да се одржуваат и да се обезбедат услови за поквалитетно натпреварување.

Од страна на претставниците на ФФМ, беше претставена и предлог иницијативата на Фудбалската Федерација на Македонија за зголемување на фудбалската база преку директно вклучување на федерацијата и клубовите во училиштата во државата. Иницијативата која претходно позитивно ја прифатија клубовите од Првата лига значи вклучување на тренерите од клубовите во училишниот спорт преку теоретска и практична настава за децата од прво до петто одделение. Тренерите кој ќе работат на час по фудбал во училиштата низ државата ќе добијат бесплатен курс за Ц лиценца и попуст за нивното евентуално тренерско надоградување за курсевите за Б лиценца.

Сите клубови ја прифатија иницијативата и изразија задоволство што ќе бидат дел од едукацијата на младите.

Сите клубови од новата натпреварувачка сезона натпреварите од Втората лига ќе ги играат со фудбалски топки од германската марка „Јако“. Фудбалската федерација на Македонија обезбеди по 20 топки за секој од клубовите.




   
   
А репрезентација