Објавено на 16 Мај, 2025 во Вести
Комисијата за натпревари на ФФМ, на седницата одржана на ден 16.05.2025 година, донесе одлука со која го евидентира натпреварот од 28. коло од Втора МФЛ помеѓу КОЖУФ Гевгелија и ФК БАШКИМИ 1947 Куманово на 06.05.2025 година во Гевгелија како одигран.
Бодовите од натпреварот не се доделуваат на ниту една екипа, постигнатите голови не се евидентираат и не влегуваат во евиденција на дадени голови на фудбалерите.
Комисијата, имајќи го предвид Правилникот за натпреварување, но и етичкиот аспект на случајот, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и зачувување на угледот на фудбалот како спорт, ја донесе оваа одлука со која се настојува да се избегне какво било легитимирање на неспортски и неетички дејствија, кои се спротивни на вредностите на Фудбалската федерација на Македонија.
Одлуки од Дисциплинска комисија на ФФМ
Дисциплинската комисија на ФФМ по пријава на Дисциплинскиот инспектор поведе дисциплински постапки за недозволено влијание на исход и тек на натпревар по член 72 - Наговарање против:
Пепи Ѓоргиев - спортски директор на ФК Кожуф;
Славчо Ѓеоргиевски - шеф на стручен штаб на ФК Кожуф;
Напоменуваме дека случајот не е затворен.
Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот.
Отворена постапка се води и за: Б.К. - ФК Кожуф, Б.Д. - ФК Кожуф, Ј.П. - ФК Кожуф, К.С. - ФК Кожуф, Н.С. - ФК Кожуф;
Дисциплинската комисија има покренато дисциплинска постапка и за двата клубови, ФК Кожуф и ФК Башкими.