Објавено на 29 Декември, 2015 во Вести
Што ќе посочите како успех во последната година, а што би сакале да направите поинаку или што сметате дека сте пропуштиле да направите?
Влогот во младоста, во тренерите, во лигата, во селекторите на националните репрезентации, за мене тоа претставува клуч на успехот. Во фудбалот веројатно највредно е времето. Работиме напорно да не го загубиме како во изминатите дваесет години и верувам дека тоа ќе доведе до подобрување на состојбите. Повторно ќе го споменам господинот Виљар, претседателот на Шпанскиот фудбалски сојуз – тие во деведесетите години почнаа да вложуваат во фудбалот, во кошарката, ракометот и ватерполото и дури сега после 15-20 години ги добија вистинските резултати. Оваа година направивме многу за развој на младинскиот фудбал, сите селекции од 15 до 19 години одиграа рекорден број натпревари, фудбалската академија е пример за успешен проект, репрезентацијата до 21 година и футсал селекцијата како никогаш во историјата имаа позитивни резултати. Тоа е она што ги полни батериите и ни дава сила да продолжиме. Што би променил? Тоа се негативностите околу А репрезентацијата или одбивноста на одредени поединци или групи кои бараат нешто негативно, но и тоа е составен дел од играта.
Што е полесно, да се биде на терен како играч или да се водат состаноци и да се потпишуваат договори?
Од оваа позиција гледам дека сите очи се вперени кон ФФМ. Полесно е да се биде на терен како фудбалер и да му се помогне на тимот. Но, не бегаме од одговорноста, знаеме дека работиме правилно, посветено и тимски сѐ со цел да го подигнеме нивото на македонскиот фудбал. Ние речиси две децении се соочувавме со ниво кое не е најпосакувано кога е во прашање нашиот фудбал, почнувајќи од инфраструктурата, па се до резултатите на А репрезентацијата. Но, тоа е составен дел од развојот на фудбалот. Јас застанувам во одбрана на играчите и селекторот бидејќи најлесно е тие да се критикуваат кога се случуваат порази. Нивната работа е највидлива. Треба да учиме и од грешките, не велам дека не се случуваат.
Колку сте задоволни од резултатите остварени на спортски план, почнувајќи од А репрезентацијата?
Сите примарни цели кои ги зацртавме не можам да кажам дека ги остваривме. Тоа посебно се однесува на резулатите на А репрезентацијата. Имавме лош квалификациски циклус но јас, а верувам и сите објективни критичари беа свесни дека оваа ситуација ќе се случи. Имаме смена на генерација, неколку млади фудбалери, дел од нив целосно ставени во функција на репрезентацијата до 21 година, го немавме искуството на Новески, Пандев, Седлоски и неколку други кои се повлекоа, но верувам дека го градиме тимот за времето кое доаѓа. Македонија никогаш не била близу до пласман на големо натпреварување, ниту кога во репрезентацијата играле и многу поголеми имиња од сегашните, но јавноста секогаш имала големи очекувања, а федерацијата секогаш била главниот виновник за резултатите. Се надевам дека ќе се смени таа перцепција, не затоа што тешко ги поднесуваме критиките, туку заради резултатите кои се надевам дека ќе бидат подобри. Што се однесува до останатите селекции, дај боже репрезентацијата до 21 година да се квалификува на Европското првенство. Тоа ќе биде голем успех. И треба поддршка на таа селекција. Младинските репрезентации исто така беа на подобро ниво во однос на минатото. Видовме, се боревме рамноправно со Италија, Англија и со фудбалски велесили од кои во блиското минато се плашевме и да излеземе на терен.
Фудбалската федерација на Македонија несомнено е организациски и финансиски успешна организација, но со Федерацијата се поврзуваат и бројни негативни теми. Како на пример инфраструктурата на стадионите и домашниот шампионат. Само три екипи натпреварите ги играа на свој стадион?
Јас не сум претседател на ФФМ во последните 20 години и можам да зборувам за последните три. Секогаш ќе ги предлагам најдобрите можни решенија за ФФМ и за македонскиот фудбал, а активностите поврзани со подобрување на инфраструктура на нашите стадиони e една од клучните цели. Во новиот, тековен проект на ФФМ од програмата „Хет трик 4“, обврска на ФФМ е да постави нова тревна подлога и рефлектори на пет главни стадиони во Македонија. ФФМ својот дел од проектот го реализира според планот, додека изградбата на трибините и останатото средување на стадионите е обврска на општините. Федерација ниту може, ниту стопанисува со стадионите за да ги доизгради комплетно. Ние очекуваме дека општините ќе го одработат својот дел, исто како ФФМ. Поквалитетните стадиони, подобрата организација на натпреварувањата е заедничката одговорност на ФФМ, сопствениците на стадионите и клубовите. Сите се радуваме што Вардар и Шкендија со нивните инвестиции, работата и визијата што ја имаат го подигнаа квалитетот на домашното првенство. Се надеваме дека стабилноста и сигурноста што ја дава ФФМ ќе поттикне и нови инвестиции во останатите клубови.
Шареноликоста на прашањата во интервјуто покажува колку се бројни темите за кој претседателот на Федрацијата мора да размислува? Во јавноста се посочува вашата блискост со актуелниот предводник на А репрезентацијата Игор Ангеловски, а многу често се споменува и директна поврзаност со селекцијата на играчите и тактиката за натпреварите?
Бев свесен за комплексноста на оваа работа, но можеби не бев доволно подготвен на негативен прием за секој потег. Ме поврзуваат со Ангеловски, претходно со Јаневски и Ѓуровски и мислам дека тоа е нормално. Јас сум тренер и нормално е да разговараме на фудбалски теми и за репрезентацијата. Никогаш нема да се наметнувам од оваа позиција, никогаш нема да форсирам моја филозофија на игра, па на крајот одговорноста за резултатите е на селекторите. Тие го бираат тимот.
Нашиот фудбалер на векот Дарко Панчев е дел од иницијативата за промени во македонскиот фудбал?
Ние од фудбалот сме навикнати на тимска работа, поединецот кој се грижи само за својата позиција во екипата, веднаш го препознаваме. Мене ми е жал што овие денови во јавноста се манипулира со името на Дарко Панчев. Некои луѓе го користат неговото име за сопствена промоција. Оваа Федерација секогаш ќе ги отвора вратите за нашите фудбалски великани. За Дарко, за Најдоски, Канатларовски, Кочо Димиторвски, Вујадин Станојковиќ, Ќириќ, Рингов, Дојчиновски, Дончевски и сите останати. И колку и да не се согласувам со одредени работи кој Панчев ги изјавува никогаш на ваков начин или преку медиуми нема да влезам во расправија со него. Во мое и во име на Федерацијата доколку смета дека може да помогне во развој на нашиот фудбал вратата на ФФМ за него е отворена. Тие не задолжиле со игрите во минатото, треба да го дадат својот придонес на вистинскиот начин.
Може ли да се случи А репрезентацијата да игра дел од натпреварите во следниот квалификациски циклус надвор од Скопје?
Би сакал. Ќе направиме се што е во наша моќ да ги исполниме обврските и стадионите во Струмица, Битола, Штип или Прилеп да бидат од репрезентативен карактер. Посветено и во функција на развој на македонскиот фудбал ќе работиме и во периодот кои следува. Многумина беа скептици дека можеме да добиеме организација и на голем настан како Суперкупот на УЕФА, но на крајот тоа ќе остане запишано како една од најголемите победи на Федерацијата, не само за Македонија, туку и за регионот. Тоа е причина да веруваме дека можеме да бидеме успешни.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....