Несторовски и Стјепановиќ повикани во А репрезентацијата

Објавено на 05 Октомври, 2015 во Вести


Селекторот на македонската А репрезентација, Љубинко Друловиќ одлучи да ја засили конкуренцијата во најдобрата селекција со приклучување во тимот на напаѓачот на Интер Запрешиќ, Илија Несторовски и фудбалерот од средниот ред на ОФК Београд, Остоја Стјепановиќ. Двајцата ќе се стават во функција на А репрезентацијата на денешниот прв собир спроти натпреварите со Украина и Белорусија од квалификациите за Европското првенство.

-Никола Глигоров има повреда, сеуште не е дефинитивно јасно дали тоа ќе го спречи да ни помогне во подготовките и на натпреварите, но многу веројатно е дека нема да може максимално да се стави на располагање на тимот. Затоа решивме да го повикаме Остоја Стјепановиќ како една квалитетна алтернатива на таа позиција. Од друга страна, Илија Несторовски заслужува шанса да се бори за место во репрезентативниот тим по добрите игри во Хрватска и голгетерската форма.Подготовките започнуваат денеска, се надевам дека од почеток максимално сериозно ќе ја сфатиме задачата и важноста на дуелите и ќе останеме здрави и без проблеми за натпреварите против Украина и Белорусија, изјави селекторот Друловиќ.

Македонската А репрезентација денеска во 18.00 часот на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ го има првиот тренинг.




   
   
А репрезентација