Објавено на 06 Март, 2015 во Вести, До 21 год
Селекторот на нашата млада репрезентација Благоја Милевски списокот на играчи ќе го објави на 23. март. Повиканите фудбалери од домашниот шампионат првиот собир ќе го имаат во Скопје на 26. март, додека играчите кои настапуваат во странство ќе пристигнат во базата на репрезентацијата во Марибор. Според програмата предвидено е сите повикани фудбалери да одработат четири тренинга пред пресметката со Словенија.
-Дуелот со Словенија е веројатно последен пред почетокот на квалификациите за Европското првенство и нашето гостување на Исланд. Словенија е многу квалитетна репрезентација, многу подобро пласирана од нас на УЕФА ранг листата и натпреварот ќе биде вистински тест за нашите можности. Реков и претходно, играчите кои го носеа товарот и запишаа две победи против Романија и Црна Гора на последните контролни дуели ќе бидат повикани и за овој натпревар, но тоа не значи дека нема да им дадеме шанса и на други фудбалери, посебно доколку се наметнат во своите клубови и потврдат дека можат да помогнат и во репрезентацијата. Пред почетокот на квалификациите за ЕП планираме подготвителниот период да трае подолго и доколку повикаме неколку нови фудбалери би имале директен увид во нивниот квалитет и форма, секако претходно со своите игри во клубовите треба да не убедат дека се во добра натпреварувачка форма и имаат придонес во резултатите на клубовите. Исто така, за нас ќе биде многу важно дали селекторот на А репрезентацијата ќе смета на одредени фудбалери за натпреварите против Белорусија и Австралија. Заеднички во договор и координација со Бошко Ѓуровски ќе донесеме одлука околу настапот на одредени фудбалери, но како и секаде во светот, младата репрезентација е сервис на најдобриот тим и доколку селекторот смета на одредени фудбалери тие секако ќе му бидат во функција на тимот, изјави селекторот Благоја Милевски.