Објавено на 01 Септември, 2021 во Вести, Вести
На Националната арена „Тодор Проески“, селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски на официјалната прес-конференција ги споделија своите очекувања во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар против Ерменија за пласман на СП 2022.
Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација:
- Пред се сакам да ја искажам мојата благодарност до Пандев, Тричковски, Велковски кои веќе не се дел од репрезентацијата, а дадоа многу. Неминовно беше одредено освежување на тимот, иако голем дел од составот го сочинуваат фудбалери кои веќе беа тука. Сета наша концентрација е насочена кон тоа да функционираме како тим. Времето е кратко, но тоа што го видов од момците ми дава за право да бидеме позитивни.
- Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но, верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли.
- Периодот е специфичен, многу од фудбалерите сеуште го немаат правиот натпреварувачки ритам, или имаат мала минутажа во своите клубови, тоа може да биде наш проблем, но затоа се освежувањата во тимот. Знам дека ќе го дадат својот максимум и ќе потврдат дека со право се тука.
- За сите тактички работи не би зборувал, сите конкурираат за првите 11-ет, исто како и за формацијата во која ќе настапиме. Ерменија е доста квалитетен тим, се гледа одличната работа на селекторот. Против Шведска и Хрватска одиграа одлични контролни натпревари, имаат три победи во групата и тоа доволно зборува за силата на противникот.
Стефан Ристовски - капитен на македонската А репрезентација:
- Сакам да се заблагодарам јавно на капитенот Пандев и треба да ни биде пример како да се продолжи репрезентативниот пат. Се надевам дека ќе го испратиме на вистински начин. Голема чест за мене е што сум капитен на оваа рпрезентација и благодарност до селекторот што ми ја даде довербата. Но, јас ќе кажам дека сите треба да бидеме пример како се носи дресот и да даваме максимум за својата држава.
- Фудбалот е веќе до степен да немаме многу време за размислување, кратко време за подготовки, три натпревари, имаме промени во составот, но доволно сме професионалци да продолжиме каде што застанавме. На теренот нема поделба на стари и млади. Сите треба да одговориме на предизвикот.
- Без ралика на промените доаѓаме од ЕП и мислам дека треба да гледаме позитивно и тоа да ни биде поттик за уште подобри резултати.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....