Милевски и Димитриевски: Подготвени сме за Ерменија. Се надеваме на позитивен исход

Објавено на 12 Октомври, 2024 во Вести, Вести


Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против селекцијата на Ерменија, на денешната прес-конференција во Ереван, селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски ја потенцираше важноста на средбата. Македонскиот селектор е сигурен дека репрезентативците ќе ги повторат страста и желбата со кои му пристапија на натпреварот против Летонија во Рига и повторно ќе се дојде до позитивен резултат.

БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ - селектор на македонската А репрезентација:

Кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучувааат за првото место во групата и стојам зад таа изјава. Го следев натпреварот на Ерменците на Фарски Острови. Тимот е тој кој го знаеме, максимално го респектираме и засилено се подготвуваме. 

Муслиу многу подобро се чувствува, но ќе видиме како ќе реагира по тренингот. Истото важи и за останатите, тимот ќе го одлучам по тренингот. Максимално се подготвуваме како и за секој ривал. 

Пред почетокот на овој октомври циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, треба само да ја оствариме. Целата подготовка е насочена кон Ерменија и како треба да изгледаме на терен. Не сакаме да мислиме на комбинации, за тоа ќе размислуваме во ноември.  Утрешниот меч ќе биде поинаков од тој пред три години, а и од последниот минатиот месец. Како да е судбина да играме против Ерменија, квалитетни се и нема да ги потцениме“.

СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ – репрезентативен голман на македонската А репрезентација:

„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први.Со Шишковски често разговараме за ерменските репрезентативци и спремни сме за натпреварот. Секогаш детално анализираме без разлика кој е нашиот противник. Имаме одлична соработка со одбранбените фудбалери на последните три натпревари и верувам дека и утре нема да примам гол. Сите натпревари се тешки, се спремам за сите натпревари на ист начин. Така ќе биде и утревечер“




   
   
А репрезентација