Милевски и Димитриевски на прес-конференција во пресрет на мечот со Чешка

Објавено на 09 Јуни, 2024 во Вести, Вести


Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски и репрезентативниот голман Столе Димитриевскина официјална прес-конференција ги споделија очекувањата за утрешниот контролен натпревар против Чешка во Храдец Кралове. 

Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:

Работевме на освежување на тимот, задоволен сум тоа што сите се здрави, освен како што знаеме Енис Барди не може да биде со нас. По тренингот кој го имаме, сите работи околу составот ќе ги оставиме за потоа. Се надевам дека сите ќе бидат спремни да се стават на располагање за она кое не очекува.

Кога сте учесник на едно Европско првенство, тоа е доволен доказ за квалитет. Чешка покажа дека е квалитетна репрезентациај со извонредни играчи од Премиер лгиата, Бундеслигата и Серија А, но имаат и голем број на домашни играчи од квалитетна лига низ која ја црпат базата за А-репрезентацијата. Не очекува противник сосема различен од типот на Хрватска.

Неслучајно ги прифативме овие покани за пријателски натпревари, затоа што лично мислам и уверен сум дека ние како тим и репрезентација може да напредуваме ако играме тип на мечеви со поквалитетни ривали од нас, за да го видиме нашиот реален квалитет и домет во моментов.

Од некои моменти не бев задоволен со Хрватска, пред се од второто полувреме, треба да ги елиминираме. Говорам за оние аномалии за трпението, системот и тактичката дисциплина. Физичката подготовка е фактор број еден за да бидете на ниво цели 90 минути, но што е, тука е. Одиме да го извадиме максимумот, иако сме свесни дека е крај на сезоната и заморот е присутен кај играчите, како и проблемите кои ги имаат дел од играчите во клубовите“. 

Столе Димитриевски - репрезентативец на Македонија:

Нормално дека Чешка е одличен противник, затоа што таму е кадешто се најдобрите, на Европското првенство. Имавме два до три дена да се подготвиме, треба да направиме некои корекции за да дојдеме до подобра дисциплина во играта и подобро да бидеме подготвени за мечот. Сакаме подобар резултат од претходниот, овој меч за нас е последен пријателски меч пред следните квалификации кои ни следат, така што гледаме на мечот како доста важен за да се формираме и стабилизираме за следните квалификации. Мора да излеземе на терен со максимална дисциплина, само така можеме до поволен резултат“.




   
   
А репрезентација