Објавено на 05 Јуни, 2025 во Вести
Репрезентацијата на Македонија ќе се соочи со Белгија во третото коло на квалификациите за Светското првенство.
На прес-конференцијата пред натпреварот во Скопје се обрати селекторот, Благоја Милевски, заедно со капитенот, Енис Барди.Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација:
„Анализите се направени, не треба да се зборува за квалитетот на Белгија. Тие имаат многу квалитетни играчи, тоа е тим кој години наназад е во врвот на европскиот фудбал. Од друга страна, Македонија покажала дека знае да се бори и со такви тимови. Не гледам причина зошто да не е така и на утрешниот натпревар.
Мора да сме на својот максимум, па ќе видиме што ќе ни донесе тоа. Овој јунски период години наназад ни е проблематичен. Што се однесува до сегашната ситуација, мора да го смениме тој менталитет индивидуално и како тим. Тоа што го видов изминатите седум дена ми дава за право да бидам оптимист дека овој јуни ќе биде поинаков. Менталитетот на играчите е поинаков отколку досега, атмосферата и енергијата се одлични. Без оглед на повредите, во текот на овие денови имаме дополнителни проблеми. Под знак прашалник се Алими, Димоски и Трапановски, но се надевам дека ќе бидат способни да заиграат. Се надевам дека на физички план ќе бидеме поподготвени од минатото.
Енис Барди - капитен на македонската А репрезентација:
„Сметам дека сме подготвени за квалитетен ривал како Белгија. Знаеме што значи кога играме дома, а сите мора да преземеме одговорност. Треба да покажеме дека кај нас дома е тешко да се победи. Ако дадеме максимум, мислам дека можеме до позитивен резултат.
Белгија е фаворит на хартија, но во фудбалот секогаш има шанса за изненадување. Имаме квалитет, доста играчи настапуваат во квалитетни лиги. Имаме искуство и сите услови за да направиме успех. Сепак, за такво нешто секој еден мора да верува во тоа. Дома, пред нашите навивачи треба да се брка добар резултат. Секогаш кога сме играле како тим имавме позитивни резултати, па не гледам зошто не би можело да биде така и утре. Нема зошто да не бидеме на ниво“