Објавено на 22 Септември, 2022 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација утре во 18:00 часот во Тбилиси го игра натпреварот од 5. коло во групата од Лига на нации против домашната Грузија.
На официјалната прес-конференција пред новинарите говореа селекторот Благоја Милевски и репрезентативецот Езѓан Алиоски.
Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација:
- Секогаш е важен тимот. Тој победува, а не индивидуалците. Се концентрираме на тоа како ќе функционираме како тим против одличен противник. Македонија имаше одлични квалификации за Светско првенство, одлични натпревари во баражот против Италија и Португалија, но за жал се соочивме со многу проблеми во Лига на нации. Имавме многу повредени фудбалери и принудно менувавме, иако тоа не беше план. Продолжуваме со таа транзиција, а ова е можност да се увериме во квалитетот на помладите фудбалери. Додека постојат и најмали шанси ние ќе се бориме.
- Никогаш не се навраќам на минатото, а нема ниту на мечот со Грузија во Скопје. Играат поразличен фудбал од порано, а дали се поквалитетни од нас, ќе покаже времето. Во фудбалот не победува секогаш подобриот. Ако мислиме дека не можеме да победиме тука, не би ни дошле. Овде сме дојдени да победиме.
Езѓан Алиоски - репрезентативец на Македонија:
- Го исполнивме сонот овде, се пласиравме на Европско првенство, но тоа е веќе зад нас. Не е важно дали играме пред полни трибини или без публика, навивачите не се на теренот, за добар резултат треба да одиграме добар фудбал, а ние сме дојдени за да го покажеме нашиот квалитет. Поразот дома навистина беше болен за нас и ќе се обидеме да победиме тука.
- Не е потребно јас како повозрасен да ги мотивирам помладите. Овој дрес е мотивација сам за себе. Победа ќе ни донесе уште подобра атмосфера. Не сме под притисок и мислиме само на тимот.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....