Милевски го објави списокот за квалификацискиот натпревар против Северна Ирска

Објавено на 29 Септември, 2015 во До 21 год

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Благоја Милевски го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета за квалификацискиот натпревар против селекцијата на Северна Ирска на 13 октомври на гостински терен.

Во тимот на Милевски за прв пат е повикан офанзивниот фудбалер на Брегалница, Стефан Мишев,  повратници во надежната репрезентација се Тихомир Костадинов, Алекса Амановиќ и Бесмир Бојку.



-Нема големи промени во составот на репрезентацијата во однос на претходните натпревари. Стефан Мишев од Брегалница е дебитант, нова прилика за докажување добиваат Костадинов, Амановиќ и Бојку. Поради суспензија за натпреварот со Северна Ирска го немаме Дарко Велковски, а поради тоа што сакам да имаме алтернатива на позицијата централен дефанзивец го повикавме Амановиќ. Се надевам дека сите повикани играчи ќе бидат на собирот на 7. октомври и ќе се стават во функција на репрезентацијата. Сметам дека за нас ова ќе биде еден од најтешките натпревари во овие квалификации, без оглед што противникот е послабо рангиран од нас. Северна Ирска е многу сериозна селекција, од натпреварите кои ги анализиравме заклучокот е дека се многу агресивни, дисциплинирани и исклучително желни за успех. Во составот имаат играчи кои настапуваат во премиер лигите на Ирска, Шкотска и Англија. Квалитетот го потврдија со позитивниот резултат (1-1) на гостувањето во Исланд, репрезентација која славеше против нас и против фаворитот Франција. Во квалификациските пресметки нормално е да чувствувате одреден притисок во натпреварите кога имате цел да победите, но се надевам дека за нас тој ќе биде позитивен, треба да одиграме максимално борбено со посветеност во извршувањето на обврските. Најважно е сите играчи да бидат здрави и со позитивна мисла, повторно ќе кажам, репрезентативниот тим мора да биде над сите, изјави селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски.




   
   
А репрезентација