Објавено на 10 Октомври, 2016 во Вести, До 21 год
Репрезентацијата на Македонија до 21 години во вторник се среќава со Шкотска во последниот натпревар од квалификациите за пласман во Европското првенствo во Полска во 2017 година. Натпреварот на арената „Филип Втори“ започнува во 18 часот и 45 минути.
Селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски вели дека максимално професионално и сериозно ќе се пристапи и на последниот, клучен натпрвар за пласман на Европското првенство.
– Се надевам дека сме подготвени, верувам дека ќе бидеме на исто ниво како на претходните натпревари и да бараме позитивен резултат. Важно за мене е што сите играчи се здрави и мотивирани за игра. Нема да промениме многу околу играта или поставеноста. Шкотска има измени од предходниот натпревар, играат поинаку за разлика од нашиот прв натпревар.
-Битно е како ќе одиграме ние. Единствено што мора е да се даде максимум, а се друго доаѓа само. Ако даваме максимум за мене е во ред, а после натпреварот ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за победа. Среќа не би рекол, затоа што ако се надеваме само на среќа, не правиме ништо. Да, секогаш е потребен факторот среќа, но ние мора да си ја вршиме нашата работа. Не правам калкулации, единствено што мислам е да победиме, а потоа ќе видиме, рече предводникот на репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски.
– За мене е важно да победиме, без разлика дали ќе се пласираме на Европското првенство или не. Овие квалификации ги игравме мислејќи од натпревар во натпревар, концентрирајќи се на секој следен натпревар. Сега за нас следува натпреварот со Шкотска, ние мислиме на победа, а потоа ќе пресметаме што сме успеале да направиме. Има притисок од важноста на натпреварот, но момците покажаа претходно дека знаат да се носат со притисокот и очекувам да се претвори во мотив за уште еден голем резултат, заврши Милевски.
Натпреварот Македонија – Шкотска се игра во вторник во националната арена “Филип Втори” со почеток од 18:45.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....