Објавено на 01 Ноември, 2019 во Вести, Семинари
Во периодот од 28. до 31. октомври 2019. година, првата група од петтата генерација наши тренери кандидати за УЕФА ПРО диплома беа на усовршување во седиштето на УЕФА во Нион, во рамки на програмата за размена на знаење и добивање на нови искуства. Македонските тренери беа дел од тренерската работилница заедно со колегите од Чешка, Црна Гора и Албанија.
УЕФА преку своите инстркутори, Хауард Вилкинсон (Англија), Јим Флитинг (Шкотска), Питер Рудебек (Данска), Паки Бонер (Ирска), Крис Ван Дер Хеген (Белгија), Вернер Миклер (Германија), како и специјалните гости презентери Станислав Черчесов (селектор на Русија), Бернхард Хуслер (претседател на ФК Базел - Швајцарија), како и Јосх Херман (експерт за користење на социјални медиуми) на кандидатите им понудија стручни информации кои се потребни за формирање на профилот на тренер носител на УЕФА ПРО диплома, врз основа на кои имаше дискусии и заклучоци од сите кандидати присутни на семинарот.
Македонските тренери добија и задача за организирање на практичен приказ на однапред дадено сценарио како подговотка за Куп натпревар и тоа успешно, најнапред теоретски го презентираа, а потоа и практично го реализираа со аматерскиот тим на ФК Сервет - Женева.
“Присуство во европската куќа на фудбалот за секој тренер е мотивација само по себе, уште повеќе кога тука доаѓаме како стручни лица – тренери, за да добиеме уште поголемо знаење и за сите нас е многу важно. Ние како група сме многу задоволни од тоа што имавме можност да видиме, слушнеме и практично да го прикажеме“, изјави Александар Таневски еден од кандидатите за УЕФА ПРО Диплома.
“Можам да кажам дека нашата група на тренери кандидати за УЕФА ПРО диплома кои учествуваа на овој семинар во Нион многу успешно ја презентираа македонската тренерска струка и покажаа високо ниво на теоретско - практично знаење. Понудените презентации и информации беа многу корисни и апликативни и се надевам дека тренерите ќе можат да ги препознаат во својата понатамошна работа“, изјави Небојша Марковски, директор на Центар за Едукација на ФФМ.