Објавено на 25 Август, 2014 во Вести, Вести
Селекторот на македонската А репрезентација Бошко Ѓуровски денеска на прес конференција пред новинарите и претставниците на медиумите го објави списокот на играчи на кои ќе смета за првиот натпревар од квалификациите за ЕП 2016, против Шпанија што ќе се одигра на 8 септември во Валенсија. Тој притоа во своето обраќање објасни дека на списокот се најподготвените играчи кои треба да се обидат да направат добар резултат.
“Респект кон Шпанија како една од најдобрите репрезентации во светот. Екипа која има врвни играчи на секоја позиција од тимот, но исто така екипа која има и свои слабости. Ова се покажа на последното Светско Првенство. Ние сме свесни дека нѐ очекува тешка задача, но ако сакаме добар резултат мора да имаме голема самодоверба кога топката ќе биде во наш посед, и не смееме истата да ја загубиме непотребно. Исто така во одбраната треба да бидеме максимално концентрирани и ангажирани. Само така можеме да успееме да извлечеме добар резултат. Ќе биде тешко, но спортски е да се надеваме”,изјави селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Бошко Ѓуровски.
Селекторот објасни дека поради повреда со тимот нема да биде голманот Дарко Тофилоски, а во случај на несакани повреди во текот на ова недела, како резервни алтернативи во поширокиот список се наоѓат Тодоровски, Дарко Велковски, Аврамовски, Грнчаров, Бабунски и Димитриевски.
На пресот присутен беше и новоназначениот технички менаџер на А репрезентацијата на Македонија, Илија Најдовски, кој ќе биде одговорен за координација помеѓу репрезентативците, селекторот и Управниот Одбор, договарање на пријателски натпревари, како и за координација со клубовите од каде доаѓаат репрезентативците. Тој појасни дека меѓу другото негова задача ќе биде и работа со играчите за подигнување на самодовербата и задржување на мотивот на исто ниво во сите натпревари, без разлика на името и рејтингот на противникот.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 2 септември во близина на Валенсија, а Фудбалската Федерација на Македонија дополнително ќе го објави распоредот на тренинзи и евентуалниот контролен натпревар. Натпреварот Шпанија-Македонија ќе се одигра на 8 септември во Валенсија, со почеток во 20:45 часот.
Селекторот Ѓуровски за натпреварот со Шпанија ги повика следниве играчи:
Голмани
1 Томе Пачовски - ФК Мехелен
2 Мартин Богатинов - ФК Ермис
3 Кристијан Наумовски - ФК Левски Софија
Одбрана
4 Ванче Шиков - ФК Австрија Виена
5 Даниел Мојсов - ФК Бран Берген
6 Александар Дамчевски - ФК НАЦ Бреда
7 Ардиан Цуцули - ФК Партизани Тирана
8 Езџан Алиоски - ФК Шафхаузен
9 Дарко Глишиќ - ФК Вардар
10 Стефан Ристовски - ФК Парма
11 Кире Ристевски - ФК Славија Софија
12 Александар Тодоровски - ФК Штурм Грац
Среден ред
13 Аријан Адеми - ФК Динамо Загреб
14 Стефан Спировски - ФК Берое Ст. Загора
15 Мухамед Демири - ФК Сент Гален
16 Марјан Радески - ФК Металург
17 Ферхан Хасани - ФК Брондби
18 Александар Трајковски - ФК Зулте Варегем
Напад
19 Агим Ибраими - ФК Марибор
20 Адис Јаховиќ - ФК Ријека
21 Јован Костовски - ФК Хеверле Леувен
22 Крсте Велкоски - ФК Сараево
23 Бесарт Абдурахими - ФК Локерен