Објавено на 13 Јуни, 2021 во Вести
Пораз од Австрија со 3:1 на нашето деби на ЕП. Имавме добар резултат, имавме 1:1 до 78. минута, но потоа следуваа по еден гол на Грегорич и Арнаутовиќ за наш пораз. Капитенот Горан Пандев во 28. минута го даде голот за Македонија.
Македонија попладнево беше бодрена од 5.000 фанови во Букурешт.
Сепак нема разочарување, одиме на Украина, а потоа и на Холандија.
Почнавме добро, добро бевме поставени со нагласена желба за борба на теренот. Во тој почетен период Австрија тешко се снаоѓаше а ние бевме тие што доминираа. Но како што одминуваше времето противникот беше се подобар. И во тој период дојде голот за Австрија. Се играше 18. минута кога Забицер нафрли пред напиот гол, а тука Лајнер прекрасно се снајде и со полуволеј ја заби топката во нашата мрежа за водство. Само три – четири минути подоцна Калајџиќ имаше зицер, но Димитриевски одбрани.
Тоа како да им даде крилја на нашите момци кои бодрени од околу 4.000-5.000 Македонци на Арената во Букурешт тргнаа силно. Тоа вроди со плод во 28. минута кога кардиналната грешка на потесната одбрана на Австрија не успеа да ја спаси голманот Бахман, тука беше и Трајковски, но сепак Пандев го претвори подарокот во историски гол за Македонија, за 1:1. Прв гол на ЕП за Македонија и 38-ми за Пандев.
Вториот дел го започнавме борбено, агресивно, без пардон. Во првите минути од тој период покажвме спортска дрскост, се обидувавме да искористиме уште некоја грешка на ривалот, но такво нешто во првите минути немаше.
Сепак по додавање на Барди, Николов имаше супер шанса во 62.минута, излезе очи во очи со Бахман, но не успеа. Само две минути Димитриевски маестрално го спаси својот гол по шутот на нововлезениот Арнаутовиќ. Измени во нашите редови, влегоа Костадинов и Бејтулаи.
Во тие моменти контрите како да ни беа главното оружје, но немавме прилика за гол.
Сепак погодок за Австрија и ново водство. И тоа во најнезгоден момент, во 78. минута. Алаба од лево центрираше, а Грегорич за дел од секундата беше побрз од нашиот голман и од само неколку метри непречен од никого успеа да стрела во нашата мрежа за 2:1 за Австрија.
Сепак тоа беше се, Арнаутовиќ во таа 90.минута погоди за конечни 3:1, за пораз на нашето деби на големите натпреварување.
АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 3:1 (1:1)
Национална Арена во Букурешт. Судија: Андреас Екберг (Шведска).
Стрелци: Лајнер 18., Грегорич 78., Арнаутовиќ 90. (АВС), Пандев 28. (МАК).
Ж. Картони: Лајнер (АВС),Трајковски, Алиоски (МАК).
АВСТРИЈА: Бахман, Алаба, Баумгартнер (58.Грегорич), Драговиќ (46. Линхарт), Хинтерегер, Калајџиќ (59. Арнаутовиќ), Лајмер (90. Баумгартлингер), Лајнер, Забицер, Шлагер (90. Илсанкер), Улмер.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу (86. М. Ристовски), Николов (63. Бејтулаи), Адеми, Барди (82. Тричковски), Алиоски, Елмас,Трајковски (63. Костадинов), Пандев.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....