Објавено на 10 Јуни, 2025 во Вести, Вести
Македонската фудбалска репрезентација забележа минимална, но многу значајна победа на гостински терен против незгодната селекција на Казахстан во рамките на четврото коло од квалификациите за пласман на СП. Избраниците на селекторот Благоја Милевски во еден возбудлив и до самиот крај интересен натпревар славеа со 1:0.
Во 33. минута, Македонија поведе со 1:0. Александар Трајковски беше стрелец на погодокот, откако испрати одличен шут по земја и го матираше голманот на Казахстан.
Репрезентацијата на Македонија по одиграни четири натпревари е на врвот на табелата во квалификациската група за Светското првенство (СП) кое се игра во 2026 година во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
Квалификациите за пласман на СП продолжуваат во септември. На 7. септември, Македонија го пречекува Лихтенштајн. На 10 септември, и гостуваме на селекцијата на Белгија, во Брисел.
Квалификации за СП;
Казахстан - Македонија 0:1 (0:1);
Македонија: Столе Димитриевски, Стефан Деспотовски, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Дарко Чурлинов (Димитар Митровски), Елиф Елмас (Стефан Ашковски), Тихомир Костадинов (Агон Елези), Енис Барди, Езџан Алиоски, Бојан Миовски (Мартин Ристовски), Александар Трајковски (Јани Атанасов);
Селектор: Благоја Милевски