Објавено на 05 Јуни, 2022 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација славеше со 2:0 против Гибралтар во натпревар од второто коло од нашата група во Лига на нации. Капитенот Барди и Бобан Николов беа стрелци на головите за најдобрата наша селекција.
Во 20. минута Енис Барди го отвори резултатот. Нашиот капитен по еден корнер зеде топка откосо, се прошета низ одбраната и неодбранливо шутираше во мрежата на домаќините.
Македонија доминираше во првиот дел. Александар Трајковски во 5. минута погоди во голот на Колинг, но во моментот на додавање нашиот напаѓач сепак беше во недозволена позиција и голот беше поништен. Три минути подоцна Барди го проигра Милан Ристовски, а неговиот прекрасен удар заврши само во пречката од голот на Гибралтар. Единствената прилика, домашните ја имаа во18. минута кога невнимателен беше Муслиу, враќајќи топка до Илиев, но за наша среќа, Валерино шутираше во надворешниот дел од нашата мрежа.
Во првото полувреме заслуживме убедливо водство, одличен удар имаше и Спировски, но резултатот остана 0:1.
Во второто полувреме, селекторот Милевски направи пет замени. Немавме сериозна шанса за погодок до 78. минута, кога Бојан Миовски од одлична позиција шутираше само покрај голот на Гибралтар.
Во 84. минута, Бобан Николов ја потврди нашата победа. Домашната одбрана лошо реагираше во својот шеснаесетник, а Николов внимателно следеше и ја искористи некоординацијата на голманот Колинг со еден од дефанзивците на Гибралтар за 0:2.
За најдобрата наша селекција на мечот во Гибралтар дебитираа голманот Дејан Илиев и дефанзивците Тодор Тодоровски и Никола Серафимов.
По два круга од групата 4 од Ц сегментот во Лига на нации, Македонија има четири бодови. Следен е мечот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје против Грузија на 9. јуни од 20:45.
МАКЕДОНИЈА: 12. Дејан Илиев, 2. Тодор Тодоровски, 6. Висар Муслиу, 7. Елиф Елмас (65` Давид Бабунски), 8. Езѓан Алиоски (65` Стефан Ашковски), 9. Александар Трајковски (57` Бојан Миовски), 10. Енис Барди, 15. Никола Серафимов, 16. Бобан Николов, 19. Милан Ристовски (57` Дориан Бабунски), 20. Стефан Спировски (46` Кире Ристевски);