Објавено на 17 Ноември, 2022 во Вести, Вести
На почетокот, Македонија првата закана ја создаде преку Несторовски во 15. минута. Напаѓачот на Удинезе биеше од пеналтикот, а голманот Јоронен одлично одбрани. На спротивната страна шанса имаа и Финците. Сухонен шутираше од 20 метри, но само во стативата од голот на Столе Димитриевски.
Македонија одново ја презеде иницијативата, нападите беа опасни, а финците беа приморанида се бранат. Финска беше опасна од контра напади и по една таква ситуација Лод имаше добра можност која не ја искористи.
Резултатот беше отворен во 37. минута, по грешка на Стефан Спировски. Играчот за врска даде лоша топка која Финците ја пресекоа и во три потези креираа контра. Похјанпало низ одбраната го проигра Оливер Антнам кој излезе сам пред голот на Димитриевски и пласира во мрежата за 0-1. До крајот на полувремето следеше вистинска доминација на Македонија. Елмас беше најрасположен, додека Несторовски имаше уште една шанса која му ја одбрани голманот, а имаше и неколку опасни центаршутеви кои гостите ги скротија.
Во второто полувреме првите две закани ги имаше Енис Барди од слободен и со удар откосо, меѓутоа Јоронен одбрани. Финците се закануваа само од контри, а во такви ситуации имаа два зицери, едниот го одбрани Димитриевски, а вториот заврши крај голот. Течеше 75. минута кога Алиоски проби по десната страна влезе во шеснаесетникот и изнуди пенал. Сигурен од 11 метри беше Енис Барди, кој израмни на 1-1 во пресрет на завршницата. Бргу по постигнатиот гол Македонија имаше уште една шанса преку Алиоски.