Објавено на 07 Септември, 2014 во Вести
Само малку пред почетокот на тренингот на официјалната прес конференција селекторот Ѓуровски и репрезентативците Ибраими и Шиков уште еднаш ги наглисија амбициите за овој натпревар, покажувајќи внимателност, но и желба за изненадување на големиот фаворит.
“Најпрво сакам да упатам честитки од мое име, од име на ФФМ и целиот македонски народ до репрезентацијата на Шпанија за се што дадоа за светскиот фудбал последниве години. Што се однесува до натпреварот, утре пред нас е голем предизвик, прв натпревар во квалификациите како за нас, така и за Шпанија. Г. Дел Боске сега гради нов тим, а истото го правиме и ние. Имаме стратегија во иднина да направиме млад и преспективен тим, кој ќе донесе успешни резултати”, изјави Бошко Ѓуровски пред новинарите, повторувајќи уште еднаш дека нема намера да се брани.
“Ние не сме дојдени тука да се браниме, туку да ја демонстрираме нашата игра и да го нападнеме голот на Шпанија. Знаме дека ќе биде тешко, бидејќи пред нас ја имаме една од најдобрите светски репрезентации, но мојата филозофија и филозофијата на ФФМ е да нападнеме и да бараме позитивни резултати”, заврши Ѓуровски.
Покрај пресот на Македонија, и шпанците имаа средба со новинарите, а покрај селекторот Дел Боске и напаѓачот Алкасер, за нашата репрезентација зборуваше Цеск Фабрегас.
“Ние имаме целосен респект за Македонија, која има добар тим. Гледавме некои нивни натпревари, последниот ако не грешам со Камерун. Се гледа дека имаат добра одбрана и опасен контра напад. Од играчите селекторот ни има зборувано за членот на Марибор, против кого јас лично ќе играм и во групната фаза на Лигата на Шампионите”, изјави Фабрегас, мислејќи на Агим Ибраими, со кого ќе се судри на натпреварите на Челзи и Марибор.
Што се однесува до тренингот, стручниот штаб испроба некои варијанти и тактички замисли во фаза на одбрана и напад. Кај сите фудбалери можеше да се забележи мотивација за добра игра и позитивен резултат против фаворизираниот противник.
Натпреварот Шпанија-Македонија се игра на 8 септември во Валенсија со почеток од 20:45 часот.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....