Македонија Ѓ.П. и Силекс ќе играат во финалето од Купот на Македонија

Објавено на 20 Април, 2022 во Куп на Македонија, Вести


Силекс и Македонија Ѓ.П. ќе играат во финалето од Купот на Македонија на 20. мај на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Кратовскиот тим втора година во низа е финалист во националниот куп на Македонија. На гостински терен во полуфиналето беа подобри од Пелистер со 1:0. Антонио Каланоски во 36. минута беше стрелец на победничкиот погодок за екипата  предводена од Гораст Михајлов.

Силекс, особено во вториот дел, имаше неколку ситуации во кои можеа да го удвојат водството, но на крајот сепак решавачки беше голот на Каланоски. Силекс ќе се обиде да ја одбрани титулата од Купот на Македонија освоена ланската сезона. 

Тимот на Македонија Ѓ.П. ќе се обиде да стигне до нова титула во националниот куп, откако во полуфиналето беше подобар од Струга Трим Љум по подоброто изведување на пенали, 2:4. Регуларниот дел заврши 0:0. Серијата удари од 11. метри започна со промашувањето на Босанчиќ за почетна предност на Македонија Ѓ.П, кои пак беа без промашување од белата точка, а во клучниот момент, во четвртата серија, Христијан Стевковски беше поуспешен од Галевски.

За Македонија Ѓ.П. финалето на 20. мај ќе биде четврто во историјата на клубот, а ќе се борат за освојување на својот втор трофеј. 



   
   
А репрезентација