Објавено на 11 Јуни, 2022 во Вести, До 21 год
Младата репрезентација на Македонија денеска на стадионот во „Ѓорче Петров" го одигра првиот од двата предвидени контролни средби против соодветната селекција на Босна и Херцеговина.
Новата генерација во одличен натпревар славеше победа минимална со 1:0. Стрелец на единствениот погодок беше Луан Абази во 47. минута од средбата.
Македонија фуриозно го започна натпреварот, тргна многу офанзивно и во првите 20 минути од мечот пропушти неколку големи можности. Офанзивниот играч за врска, Лука Станковски прв се закани по голот на противникот. Следеа шансите на Кристијан Тасевски, Марио Илиевски и Луан Абази. Босна и Херцеговина својата прилика ја чекаше од контранапад. Македонија доминираше во првиот дел, но немаше среќа да погоди.Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во ист ритам го започнаа вториот дел, со доминантна игра и напаѓачки фудбал. Сосема заслужено нашите млади фудбалери на почетокот на вториот дел поведоа со 1:0. По изведениот корнер од левата страна, Луан Абази најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и погоди за водство на Македонија. Противникот не успеа да одговори на нашата добра игра и поставеност, до крајот на средбата, сосема заслужена победа за Македонија.