Објавено на 21 Март, 2023 во Вести, До 21 год
Младата репрезентација на Македонија до 21 година ги продолжува подготовките пред почетокот на контролниот меѓународен турнир „Анталија Куп 2023"
Нашите млади фудбалери денеска одработија два тренинга, фокусот е на првиот контролен меч против селекцијата на Летонија, кој на програмата е на 23. март.
Одбранбениот играч на Жилина и стандарден член на младата репрезентација на Македонија, Андреј Стојчевски даде свое видување и очекување за претстојните натпревари.
-Целата екипа е премногу задоволна од условите за тренинг што ги имаме тука во Белек, работиме напорно и имаме одлични подготовки. Сакам да ја пофалам одличната енергија и атмосфера која владее во оваа репрезентација, повеќето играчи неколку години играме заедно и одлично се познаваме, функционираме како една фамилија, сите многу добро ја знаеме вредноста на дресот со државен грб и подготвени сме на голема борба и пожртвуваност се со цел да се постигнат одлични резултати.
-Првиот контролен меч го играме против незгодната селекција на Летонија, како и на секој меч, така и на овој атакуваме на победа. Сигурен сум дека секој од нас ќе го даде максимумот и верувам дека ќе успееме за издвојуваме победа, за продолжение на позитивната серија на резултати.
-Квалификацискиот циклус започнува во септември, имаме доволно време за што подобро да се подготвиме за првиот меч со Шведска. Победничкиот менталитет кој мора да биде присутен кај сите нас ќе одигра клучна улога во квалификациите. Имаме голем квалитет и верувам дека ќе го покажеме во квалификациите што следуваат.