Објавено на 21 Март, 2025 во Вести, До 21 год
Репрезентацијата на Македонија до 21 година загуби со 3:1 од соодветната селекција на Белорусија во контролен натпревар одигран во Белек, Анталија.
Македонија одигра тактички добро прво полувреме во кое пропуштивме неколку изгледни можности за постигнување погодок. Димитар Трајков прв се закани, но неговиот удар без проблем го скроти противничкиот голман. Белорусија успеа од својата прва можност да постигне погодок за 1:0. Избраниците на селекторот Горан Станиќ можеа брзо да се вратат во игра, Димитар Трајков се најде во феноменална прилика, но неговиот удар беше во последен момент изблокиран. Димитар Трајков имаше уште една добра можност, но неговиот удар со глава заврши покрај голот.
Во продолжението, противникот од пенал погоди за 2:0. Македонија се трудеше, создаваше можности, но без реализација. Малото невнимание и грешка во средниот ред, селекцијата на Белорусија го искористи максимално и успеа да поведе со 3:0. Кире Стојанов го намали водството на противникот. Македонија и по постигнатиот погодок продолжи да напаѓа и да создава шанси, но немавме среќа во завршницата.
Натпреварот го обележа катастрофалното делегирање на правдата од страна на турските судии. Имено, на полувремето фудбалерот на Белорусија, Кирил Цепенков беше изваден од игра, но во продолжението влезе повторно во игра на место на друг играч кој го напушти теренот поради повреда. Судиите беа запознаени со ситуацијата и грешката што ја направи белорускиот тим, но не изреагираа, дозволувајќи му на Кирил Цепенков да го доигра натпреварот. На крајот фудбалеро на Белорусија беше стрелец на третиот погодок на денешната средба.
Македонија: Љупче Џеков, Даниел Марковски, Бенан Хамидовиќ, Ѓорге Џеков, Андреј Велков, Димитар Трајков, Матеј Ангелов, Адриан Зенделовски, Никола Манојлов, Мартин Ѓорѓиевски, Никола Величковски.
Селектор: Горан Станиќ